петок, 27 декември 2024

За шест години државата финансиски им помогнала на компаниите 11 пати повеќе од претходно, тврди премиерот

Во услови на криза најважно е инвестициите да не застанат, а во таа насока Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За шест години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на настанот #МКЕкономија „Довербата расте” наменет за компаниите кои користат финансиска помош согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

Објавено на

часот

Сподели

Кризата, како што кажа, Владата ја претворила во можност и Македонија станала зелен енергетски Хаб во Европа со инвестиции во обновливи извори на енергија, особено фотоволтаици и ветерни електрани.

„Да се постигне сето ова во услови на криза е голем предизвик, но никој немаше да успее доколку беше оставен сам – ниту компаниите, ниту граѓаните. Затоа Владата од почетокот на енергетската криза, а претходно и за време на пандемијата, даде силен, навремен и прецизен фискален одговор кој беше значаен за амортизирање на надворешните шокови“, рече Ковачевски.

Во последните три години, како што посочи, е преполовен фискалниот дефицит како преку рационализација на трошоците, така и преку подобрување на наплатата на приходите.

„Речиси 150 милиони евра изнесува буџетската поддршка за домашните и странските компании годинава или пет пати повеќе во споредба со периодот од пред пет години. Директните субвенции во стопанството по основ на инвестиции, но и врз основа на други програми од 1,9 милијарди денари во 2017 година се покачија на 7,76 милијарди денари годинава“, рече Ковачевски

Според него, Владата работи домаќински и одговорно, Буџетот е стабилен, а државата е финансиски ликвидна и словентна.

-Денарот е сидро на стабилноста на нашата економија. При тоа капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит и остануваме на златното правило во финансиите, да се позајмува само за инвестиции и развојни цели. Трендот на намалување на инфлацијата ќе продолжи и понатаму. Инфлацијата во август беше 8,3 проценти, а лани во октомври беше дури 19,8 проценти“, потенцира Ковачевски.

Со членството во НАТО ја засиливме нашата позиција, оцени премиерот Ковачевски.

„Ако во 2016 година странските инвестиции изнесуваа 338 милиони евра во 2022 година во услови на криза изнесуваа речиси 754 милиони евра или двојно повеќе од 2016 година. Инвестиции во ТИРЗ во 2016 година кумулативно изнесуваа 600 милиони евра, а во 2023 година се речиси две милијарди евра“, рече Ковачевски.

Како што кажа за повисоки стапки на раст треба да се постигне стратешката цел, членство во Европската Унија. Со зачленувањето во ЕУ, како што кажа, резултатите ќе бидат уште подобри што го покажуваат анализите на земјите пред и по влегувањето во Унијата и затоа, додаде тој, местото на земјава е во ЕУ.

„Сега ни треба нов циклус, нова енергија и нова приказна, а тоа е европската економија на државата која ќе има доволно ресурси и капацитет за да биде дел од европската економија. Убеден сум дека дента кога ќе станеме дел од ЕУ нашата држава и нашиот регион ќе бидат држава и регион со највисоки стапки на економски раст во однос на сите други сегашни земји-членки на ЕУ“, порача Ковачевски.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи посочи дека токму поради свесноста на Владата за улогата на бизнисите постои Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

„Вашите успешни приказни ја креираат нашата успешна македонска економија. Мојата заложба секогаш била насочена кон реструктуирање на домашната економија. До 2017 година имавме нула поддржани домашни компании од страна на Владата, денеска поддржуваме 919. Овој подвиг е 100-отсто партнерски и Ви се заблагодарувам за вашата посветеност и истрајност“, им рече Битиќи на присутните претставници на компании на настанот.

Нагласи дека токму домашните стопанственици преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите инвестирале преку половина милијарда евра во македонската економија.

„Тоа за мене е врвен патриотски чин со кој заедно придонесовме во реструктуирање на домашната економија. Вие, пак, добивате реална предвидлива поддршка која ги следи вашите развојни потези. Токму затоа овој реален заеднички успех ќе продолжи и понатаму“, потенцира Битиќи.

Нагласи дека очекува преку оваа поддршка да продолжи позитивниот тренд на развојот на сите региони во државава и додаде дека со растот на бројот на компании кои инвестираат и доследното инвестирање во Буџетот заедно се гради довербата во овој механизам.

Истакна дека во 2018 година била исплатена поддршка на 73 домашни компании во висина од 3,2 милиони евра, на крајот на 2022 година се исплатени 23 милиони евра кон 410 компании, а годинава се буџетирани околу 35 милиони за исплата. Од јануари до септември годинава, пак, се исплатени 510 милиони евра за поврат на ДДВ за компаниите.

Министерот за економија Крешник Бектеши порача дека при изработката на Законот за финансиска поддршка на инвестициите се воделе од главната цел – домашните компании да имаат исти бенефиции и иста поддршка од државата како и странските.

„Со законот сите стопанственици имаат предвидливост и знаат колкава би била нивната поддршка од државата и дека тоа нема да се прави врз основа на желба на Крешник, Фатмир, Фатмир Бесими  или на некој друг министер во Владата како што беше пред 2017 година“, рече Бектеши.

Преку транспарентност и отвореност на Владата и преку соработката воспоставена со стопанските комори, како што потенцира Бектеши, редовно се врши подобрување на законите.

„Со декади одредени региони немаа можност да бидат поддржани од државата. Во главно економијата на државата се фокусираше на поддршка на одредени компании во одредени сектори или на приватизацијата поради што младите кои не беа дел од Скопје или дел од приватизацијата немаа можност да бидат еднакви со конкурентите на пазарот. Денеска тоа е сменето поради условите што ги нуди Законот за финансиска поддршка за инвестициите“, рече Бектеши и додаде дека сега сите региони имаат можност да се развиваат преку овој закон.

Нагласи дека Владата постојано ќе работи на подобрување на ова законско решение во соработка со стопанските комори.

На настанот се одржа и инфо сесија за компаниите со процедурите за користење на поддршката од законот, а дел од компаниите ги презентираа и резултатите од нивните инвестициски циклуси како и резултатите од поддршката од Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Законот за финансиска поддршка на инвестициите е донесен во 2018 година. Со Владина поддршка за домашните компании од 2018 до 2023 година се поддржани 919 компании со 100 милиони евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ