среда, 18 септември 2024
Писмо

За Саат- кулата во Битола, за Никола, за Тодор…

Како реакција на денешниот текст за битолската Саат-кула, се јави Кирил Тодоровски, член на семејството кое со години се грижело за механизмот во кулата. Тој донесува нови интересни податоци за историјата на овој наш споменик.

Објавено на

часот

Сподели

Писмото на Кирил Тодоровски од Битола го пренесуваме во целост.

Денешната Саат – кула во Битола е градена во исто време како и црквата Св. Димитрија, што значи во 1830 година.

Во судските списи на Градското поглаварство на градот Битола постои  следново решение: „Да г. Стеван Филиповиќ, овдешен сајџија, се постави за општински хонорарен сајџија со месечен хонорар од дин. 300-тристотини, со тоа да парите му се сметаат од 3-ти февруар 1927 год. како ден на стапување на должност“.

На втората страница на решението  стои: „Денес го донесе клучот од саат кулата г. Наум Цингара за досегашен сајџија кој е отпуштен од служба со решение на судот.”

Ова говори дека веќе во 1927 година постои саатен механизам во Саат-кулата во Битола.

Првиот бројчаник кој е најверојатно поставен во периодот 1924  – 1927 година е бел со црни броеви и стрелки и со помал пречник од овој денешниот.

Во 1936 година стариот механизам и бројчаник беа вградени  во Саат кулата на тогашниот монопол.

Мојот татко Никола, за да го гледаме „Бекташ“ во трката со мотори, или друго, од мостот кај Безистенот до Црн Мост и назад, на мојата 8-10 годишна возраст, неброено пати ме качуваше по завиените безбројни правливи камени скали, минувавме покрај платото со камбаните и музичкиот механизам, ме седнуваше на кружната тераса на куполата, со нозете протнати низ металната ограда на куполата на Саат – кулата на Град Битола, и ми шепотеше:

„Германија во знак на благодарност кон градот Битола, затоа што ѝ беше овозможено да изгради спомен – гробница на нејзините загинати борци од Првата светска војна, му подари нов саатен механизам заедно со музички механизам. Сегашниов саат има црн поголем бројчаник и златно набоени броеви и стрелки. Донесоа 15, што помали што поголеми, ѕвонци, тешки 900 кгр. Ја изградија куполата и за повеќето од нас чудото се случи. Одекнаа звуците на „Билјана платно белеше“. Меѓутоа по еднаш дневно одекнуваа звуците на „Свети Сава” и на една позната фашистичка песна. Кога градот падна под бугарско фашистичко ропство, поради „Шуми Марица” саатот на сите ни омрзна. При тоа се извршени некои поситни измени во изгледот на куполата.

Пенџерињата на просторијата на ниво на терасата се затворени, оградата на терасата е заменета и зајакната со бетонски столбови со квадратен пресек, распоредени на секој агол од терасата.

Вака е прикажана Саат – кулата и на првиот изработен план, односно снимка, на постојната состојба на кулата од 1-X-1935 година, изработена од инженер Јосиф Скоберне.

Бидејќи текстот покрај цртежот е на германски, претпоставувам дека е изработен по порачка на германската фирма „Konfage” од Buer Beurg Osnabrusk, која следната 1936 година ќе изврши реконструкција на саатниот механизам“,

На Саат – кулата биле поставени две посматрачници, но веќе после неколку години, веднаш по Втората светска војна, се виореле црвените знамиња кои за првпат ги поставиле партизаните на Седмата ударна битолска бригада.

После ослободувањето за саатот се грижел Кочо-барабанцијата кој за време на бугарската власт ги читал нивните прогласи.

Татко ми Никола од 1950 година редовно се грижеше за саатот волонтерски, без никаква помош од општината и редовно одржуваше кореспонденција со фирмата од Германија која го монтира механизмот.

Претставници на германската фирма „Korfage” повторно доаѓаа во 1962 година, при што, е програмиран музичкиот механизам.

Од страна на фирмата била понудена една композиција да биде од Моцарт и пет македонски, но тоа не било прифатено. Тогаш биле извршени и поправки, крпење со малтер и бојадисување на фасадата и било поставено светло од страна на мојот татко.

Во 1965 година татко ми Никола официјално е назначен од Општината да го одржува саатот.

Во 1970 година татко ми Никола повторно ја дочекува фирмата „Korfage” која ќе постави нова клавијатура која покрај постојните песни што биле снимени на посебни ленти, можело директно да се свират и многу други композиции. Вакви механизми биле вградени во 180 саат-кули во целиот свет.

Татко ми Никола со голема љубов ја извршува својата работа околу Саат – кулата, се до смртта во 1986 година, кога доброволно го наследува мојот брат Тодор Тодоровски.

Мојот брат Тодор Тодоровски, во чест кон мојот татко Никола, од 1986 година до 2006 година редовно се грижеше за саатот волонтерски, без никаква помош од општината, а поради незаинтересираност на тогашниот градоначалник на Општина Битола Владимир Талевски, од 2006 година престана да ги одржува механизмот заедно, со музичкиот механизам и бројчаникот во Саат – кулата на Град Битола.

А мене ми недостасуваат, чувствувам носталгија, по саатниот механизам,  бројчаникот во Саат – кулата на Град Битола, со музичкиот механизам и песните: „Абре македонче“; „Биљана платно белеше“ и „Битола, мој роден крај“, кои наутро, на пладне и навечер одекнуваа преку цела Битола.

Кирил Тодоровски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ