вторник, 22 октомври 2024

За прв пат по 25 години, забележан случај на детска парализа во Газа

Првиот случај на детска парализа во последните 25 години е регистриран во ГАЗА, соопшти палестинското Министерство за здравство.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тестовите спроведени во Јордан ја потврдија болеста кај невакцинирано 10-месечно дете од централна Газа, соопшти Министерството за здравство. „По утврдувањето на симптомите, лекарите се посомневале во присуство на вирусот на детска парализа. По извршените потребни тестови во главниот град на Јордан, Аман, инфекцијата е потврдена“, додаваат тие.

Според ОН, Газа, сега во својот 11-ти месец од војната, нема регистрирано случај на детска парализа во последните 25 години, иако полиовирусот тип 2 бил откриен во примероците собрани од отпадните води на територијата во јуни.

Шефот на ОН Антонио Гутереш неодамна повика на пауза во војната меѓу Израел и Хамас со цел да се вакцинираат стотици илјади деца. Тој предложи две седумдневни паузи во војната во Газа за да се вакцинираат повеќе од 640.000 деца.

„Спречувањето и ограничувањето на ширењето на полио ќе бара масовни, координирани и итни напори“, им рече Гутереш на новинарите во седиштето на ОН во Њујорк. „Апелирам до сите страни веднаш да дадат конкретни гаранции за хуманитарните паузи потребни за кампањата за вакцинација“, додаде тој.

Полиовирусот, кој предизвикува детска парализа, најчесто се шири преку канализација и контаминирана вода и е многу заразен. Тој може да предизвика парализа и е потенцијално смртоносен. Најмногу ги погодува децата на возраст под пет години.

Повеќето од заразените немаат симптоми или имаат благи симптоми, но мал процент може да развијат сериозни компликации, вклучително и трајна парализа.

Вакцината против детска парализа е многу ефикасна во спречувањето на ширењето на вирусот и болеста.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ