среда, 23 октомври 2024

За прв пат по 150 години, републиканците гласаа за отповикување на министер во Америка

Претставничкиот дом во кој мнозинството го имаат републиканците гласаше за отповикување на министерот за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас, додека прашањето за имиграцијата почнува да се појавува како една од главните теми на овогодинешните избори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Со 214 гласа „за“ и 213 „против“, Претставничкиот дом изгласа два члена за отповикување обвинувајќи го Мајоркас дека не ги спроведувал американските закони за имиграција, што според републиканците, довело до рекорден прилив на мигранти преку американско-мексиканската граница и лажно сведочење во Конгресот.

Ова е втор случај во американската историја, и првпат во речиси 150 години, Претставничкиот дом да гласа за отповикување на член на кабинетот на претседателот. Сепак, неговата смена е малку веројатна бидејќи Сенатот, кој има мнозинство демократи, ќе гласа против.

Откако Бајден стана претседател во 2021 година, рекорден број мигранти илегално ја преминаа границата од Мексико, а поранешниот претседател Доналд Трамп го стави ова прашање како една од главните теми на својата кампања против Бајден.

„Министерот Мајоркас намерно и упорно одбиваше да ги почитува федералните закони за имиграција, предизвикувајќи ја најлошата гранична катастрофа во американската историја“, рече претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон по гласањето.

Ниту еден демократски пратеник не го поддржа отповикувањето, додека тројца републиканци му се спротивставија на раководството на својата партија и гласаа против. Мајоркас рече дека не е одговорен за ситуацијата на границата, обвинувајќи го за тоа нарушениот американски имиграциски систем што Конгресот не успеа да го поправи.

„Без и најмал доказ или легитимна уставна основа… Претставничкиот дом предводен од републиканците лажно обвини функционер кој помина повеќе од 20 години посветено спроведувајќи ги нашите закони и служејќи ѝ на нашата земја“, рече портпаролката на Министерството за внатрешна безбедност, Миа Еренберг.

Уставните експерти, па дури и некои републиканци рекоа дека истрагата на Претставничкиот дом не ги докажува „злосторствата и прекршоците“ што Уставот на САД ги наведува како основа за отповикување. Бајден го оцени гласањето за отповикување на Мајоркас како „очигледен политички чин насочен против личност која чесно ѝ служи на државата“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ