На Меѓународниот ден на руралните жени кој Националната федерација на фармери го одбележа во Битола, претседателката Сиљановска Давкова нагласи дека глобалната криза во светот најголем импакт предизвика врз руралните жени.
„Не смееме да ги занемаруваме трудот, вештините, секојдневниот ангажман што придонесува не само за благосостојба на семејството во битката за преживување, туку и на заедницата и на општеството. Со право велат дека животот на жените лидерки од руралните средини е 24 часовен ангажман врзаност и битка со земјата но и љубов со земјата, со производството на храна и секојдневна битка со природата, но исто така и еден прекрасен соживот со природата. За мене жените од руралните средини се апсолутните лидерки, за мене жените од руралните средини се хероините на кои треба да им се восхитуваме, но тоа не е доволно затоа што од комплименти не се живее, туку треба да ги поддржуваме и помагаме индивидуално и институционално, на секаков можен начин. Поддршката на руралните жени е поддршка на македонското село, а тоа значи и запирање на процесот на исселување но и поддршка на македонската иднина, посочи Силјановска Давкова и додаде дека годинешното одбележување на Меѓународниот ден е на тема „Руралната жена соочена со глобалната криза, а таа глобална криза најголем импакт предизвика врз руралната жена. Земјоделски политики мора да ги земат предвид најранливите категории, мора да се грижиме за оние кои се активни и работаат под најтешки услови. Тоа се жени кои како да се најтивки и најскромни, а работаат лавовски“, нагласи Сиљановска Давкова.
Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски приоритет на МЗШВ е да овозможи услови кои се потребни за нормално функионирање на руралната жена бидејќи таа е херојот на денешното време.
„Во моментов во регистерот на МЗШВ имаме активни 29.971 рурална жена, а од нив 3.918 се на возраст до 40 години. Во програмите на МЗШВ жената има предност при аплицирањето, добиваат дополнителни бодови за различни мерки на министерството. Во иднина се планираат повеќе бодови за сите жени што ќе бидат баратели на финансиска поддршка од програмата за помош на млади земјоделци и почнување земјоделска дејност, како и за инвестиции и преработки на земјоделски производи. Ефектите што досега ги спроведе МЗШВ се видливи, имаме успешни приказни за развиени мали и семејни бизниси кои се актуелни и будат интерес и сите се потпишани со раката на македонската рурална жена. Но, можеме да направиме уште повеќе за што се нудиме како партнер и во програмите за 2025 година“, истакна министерот Трипуновски.
Поддршка за македонската рурална жена доаѓа и од македонското Собрание, а на деншниот Меѓународен ден недвосмислена поддршка беше дадена од потпретседателката Весна Бендевска и од Жаклина Пешевска, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.
„Во минатиот период во Македонија се изготвиле и донеле разни национални планови, активности и стратегии но прашање е колку се успеало. Нашите села се празнат, нашето село умира и додека не сфатиме дека Македонија може да живее и сама да произведува храна и да има чиста вода за пиење, и додека не сфатиме дека сами можеме да произведуваме енергија за сопствени потреби, ние ќе тапкаме во место. Не смееме да го загубиме селото. А, како поранешна членка на Комисијата за спречување на дискриминација со гордост ќе потсетам дека укажавме со стручно мислење дека е системска дискриминација, руралната жена под исти услови да не ги користи правата што произлегуваат од Конвенцијата за мајчинство. Човековите права се и права за руралните жени, а руралната жена е доказ дека е најхрабриот, најотпорниот, најцврстиот дел од нашето општество. И затоа треба да направиме многу за руралната жена“, нагласи потпретседателката на македонското Собрание, Весна Бендевска.
На трибината во Битола, Жаклина Пешевска, претседателка на собраниската комисија за еднакви можности на мажите и жените најави дека континуирано ќе се подобруваат условите за работа на руралните жени со системски решенија, а како прв фокус ќе биде донесувањето на законот за породилно отсуство на жени земјоделки.
Претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска на успешни македонски рурални жени им додели серификати и признанија за нивната успешност и придонес во зајакнувањето на жените во руралните средини.