сабота, 19 октомври 2024
Ниту имаме колективен имунитет за болести со задолжителна вакцина, ниту правен механизам за казнување

За пет години само седум родители платиле казни од најмалку 100 евра за невакцинирани деца

За пет години од вкупно 202 предмети против родители од Скопје што не ги вакцинирале децата, со парични казни завршиле само седум. Според податоците од Основниот суд за прекршоци во Скопје, опоменати биле осум, а за сите други донесено е решение за отфрлање на иницијативата. Ова значи дека барањето за поведување прекршочна постапка е вратено кај подносителот, односно кај Министерството за здравство, со оглед дека е утврдено дека не е спроведена постапка за порамнување, односно во барањето не е доставен доказ дека обвинетиот примил платен налог, како што предвидува Законот за заштита на населението од заразни болести.

Објавено на

часот

Сподели

Вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), вирусен хепатитис Б и хуман папилома вирус (ХПВ). Родителот нема право на избор во врска со наведените вакцини, тие се задолжителни.

Бројките покажуваат дека државава ниту има колективен имунитет за болестите за кои вакцините се задолжителни, ниту пак има правен механизам што ќе натера родителите да ги вакцинираат своите деца со вакцините што се задолжителни, односно за кои немаат право на избор. Кога законите се благи, тогаш ниска е стапката на вакцинација, а таа расте само кога ќе ни се појават подзаборавените болести и ќе се прогласи епидемија. Вакциналните пунктови периодов се полни со дечиња што не ја примиле вакцината против голема кашлица, односно ДиТеПер, (дифтерија, тетанус, пертусис), бидејќи е прогласена епидемија и се укажа на сериозноста од оваа болест, која се појави прво во Скопје, а потоа и по другите градови.

Во членот 67 став 1 и став 6 од Законот за заштита на населението од заразни болести е предвидено дека глоба во износ од 300 до 650 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице, ако лице или родител/старател одбие вакцинирање за болестите утврдени во членот 33 на овој закон или заштита со специфичен имуноглобулин (член 34) или заштита со лекови (член 36).

„Во текот на 2023 година се воделе 7 предмети по конкретниот член, а поведени од Министерството за здравство на РСМ – ДСЗИ. Од нив 4 се завршени со пресуда во која е изречена санкција глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност плус паушалните трошоци во постапката, а 3 се уште активни предмети. Во однос на статистиката за последните 5 години, биле решени вкупно 202 предмети, од кои 15 завршиле со пресуда, во кои на 7 лица им била досудена парична казна, додека на 8 судска опомена. Во однос на другите предмети, завршени се со решение за отфрлање на иницијативата, односно барањето за поведување прекршочна постапка му е вратено на подносителот, Министерството за здравство на РСМ, со оглед дека е утврдено дека не е спроведена постапка за порамнување, односно во барањето не е доставен доказ дека обвинетиот примил платен налог како што предвидува Законот за заштита на населението од заразни болести. Согласно со член 44 став 2 од Законот за прекршоците, надлежните органи овластени за поведување прекршочна постапка се должни да му предложат на сторителот на прекршокот постапка за порамнување или спогодување пред да поднесат барање за поведување прекршочна постапка, ако тоа е определено со закон“, ни одговорија од Основниот кривичен суд Скопје.

Од таму додаваат дека она што понатаму се случува со овие барања е надлежност на подносителот, кој е должен да им овозможи порамнување пред да поведе прекршочна
постапка. Во однос на доставата, на секоја пресуда и донесено решение судот издава
доставна наредба и за подносителот, односно Министерството за здравство и ДСЗИ.

Во врска со правните механизми и казните поврзани во вакцинација на деца, ги разгледавме и податоците на страницата на ДСЗИ. На официјалната страница стои месечен извештај за цела 2023 година и за јануари 2024.

Податоците покажуваат дека само во март минатата година покана да плати казна за непримена вакцина против ХПВ добил еден родител. Оваа вакцина засега кај нас им се дава само на девојчиња-тинејџерки, а здравствените власти велат дека штити од вирусот, кој предизвикува карцином на грлото на матката. Другите статистики се однесуваат на бројката на родителите поканети да платат казна поради нередовна имунизација кај децата, а другиот дел се оние што не сакале да платат казна, па биле повикани на суд.

 

Врз основа на ова, Државниот санитарен и здравствен инспекторат поведува постапки за порамнување (казнување) родители што не ги вакцинирале своите деца согласно со задолжителниот календар за имунизација. Таа постапка подразбира повикување на физичкото лице (родител) да се јави во наведен рок кај инспекторот што ја спроведува постапката и да се произнесе дали во рок од 8 дена ќе ја плати казната предвидена во Законот за заштита на населението од заразни болести, која изнесува од 300 до 650 евра во денарска противвредност.

Доколку не се согласи, се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд.

„Мора да напоменеме дека судовите во најголем дел од поднесените барања од страна на ДСЗИ не ги казнуваат сторителите и поминуваат со опомена. За голем дел од поднесените барања за прекршочна постапка не добиваме повратен одговор како е постапено, односно немаме повратна информација како одлучил судот по нашето барање (дали сторителот бил казнет, опоменет или ослободен)“, велат од ДСЗИ.

Од таму додаваат дека механизми за убедување родители не постојат, освен наведената казнена одредба.

Последиците од нискиот опфат со вакцинациите, кој веќе е далеку под нивото од 95 проценти (минимално ниво потребно да се минимизира ризикот од епидемиско ширење), веќе ги гледаме. Почнаа да се појавуваат случаи на мали сипаници (морбили), а еве сега и големата кашлица (пертусис).

Епидемиологот д-р Драган Даниловски за казните за невакцинирани деца вели дека клучен приоритет е да се идентификуваат децата со „нула доза“ и недоволно вакцинираните и да се пратат покани до родителите да ги вакцинираат децата. Тие што ќе одбијат, да се повикаат на одговорност, според законот, едноставно, „дојден е ножот до коска“!

„Вакцинациите против одредени заразни болести и за лица од одредени возрасни групи се задолжителни според членот 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести. Ова е во согласност со членот 39 став 2 од Уставот, каде што се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и да го унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Од духот на уставните одредби, јасно и недвосмислено произлегува дека во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, тие не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица што поради медицински контраиндикации не се вакцинирани, и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот. Уставниот суд во 2014 година оцени дека е оправдано на родителите да им се ускрати правото на избор на невакцинација од причина што правото на здравје на детето е посилно од правото на избор на родителите. Со редовната вакцинација не се штити само лицето што се вакцинира, туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението, што ja спречува циркулацијата на инфективните агенси“, вели д-р Даниловски.

Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека е оправдано со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чиешто спречување е во интерес на општеството. Обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните човекови права на засегнатото лице, со оглед на тоа што тоа е неопходна мерка во една демократска држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица.

И Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во 2021 година донесе мислење според кое „задолжителната вакцинација на деца како услов за да се запишат во основно образование не претставува дискриминација по ниедна основа“. Комисијата донесе општа препорака што вели дека „законите, мерките, препораките и други релевантни акти што се во насока на спречување, лекување и контрола на ситуација на епидемиски, ендемични и други болести не претставуваат кршење на правото на приватноста на индивидуата, на неговиот личен и семеен живот и на достоинството и угледот. Тие се во насока на гарантирање на заштитата на јавното добро и јавното здравје на сите граѓани, а особено на децата“.

Д-р Даниловски појаснува дека сосема логичен е член 46 став 2 од Законот за основно образование, според кој при запишувањето на детето во прво одделение, родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето издадена од надлежна здравствена установа.

„Значи, од формално-правен аспект сѐ е во најдобар ред. Но што од сето тоа? Се плашам дека сѐ ќе остане само ‘мртво слово на хартија’. Во случај на одбивање вакцинација, педијатарот е должен да го пријави родителот до судот за прекршоци. Тоа, од една страна, го доведува до конфликт со родителите и до дополнителен стрес. Од друга страна, свесен е дека нема да има никакво фајде од пријавувањето. Зашто, пријавата против родителот обично завршува во фиока. Ако судијата дури и го повика родителот, тоа често завршува само со опомена“, додава епидемиологот.

Според него, Лекарската комора постои само на „хартија“ кога станува збор за санкционирање доктори со антиваксерски ставови. Дисциплинските органи во Комората би морале енергично да реагираат кога еден лекар, свесно или несвесно, со своите постапки ќе му предизвика штета на јавното здравје.

Тука се и здравствените власти и општеството во целина. Ретките програми за здравствена едукација, дури и кога постојат, главно остануваат на хартија, а нивниот ефект кај народот не се чувствува.

Посебно изостанува делотворна акција од страна на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје за аргументирано раскринкување на антиваксерските инсинуации. Додека е така, нема основа да се надеваме на подобрување.

Во меѓувреме, родителите воопшто немаат страв од казни поради тоа што децата не им се вакцинирани, а тоа, според бројките, е оправдано бидејќи казни речиси и нема. Наместо тоа, имаме заборавени болести, кои нѐ потсетуваат дека свесноста за значењето на вакцините и за заштитата на децата од болести е на многу ниско ниво.

Текст и инфографик: Катерина Додевска 

Фото: Роберт Атанасовски (Фотографиите се направени со добиена согласност од вакциналниот пункт во Поликлиниката Јане Сандански и со согласност од родител)

Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ