сабота, 27 јули 2024

За пет години неколкукратно е зголелем бројот на заболени од голема кашлица, покажуваат податоците на ИЈЗ

Заклучно со 23 мај годинава, Македонија се регистрирани вкупно 631 случај на голема кашлица, информираа од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Објавено на

часот

Сподели

Од 17 до 23 мај, пријавени се 34 нови случаи на голема кашлица, со намалување од 22,7 отсто споредено со претходниот седмодневен период, кога беа евидентирани 44 новозаболени. Од новите 34, три случаи се хоспитализирани, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен изутринава.

Во однос на географската распространетост, најголем дел од случаите се пријавени во Скопје – 27, а пријавени се и четири случаи од Тетово и по еден од Прилеп, Кичево и од Велес. Возраста на заболените се движи од еден месец до 73 години. Најголем број случаи се од возрасната група под една година и од пет до девет години.

„Заклучно со 23 мај се регистрирани вкупно 631 случај на голема кашлица, со инциденца од 34,4 на 100.000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период – од 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Дистрибуцијата на случаите по однос на место на живеење покажува дека најголем број лица живеат во Скопје – 507 или 80,3 проценти со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 35 заболени лица или 5,5 отсто. Случаи се пријавени и во други 17 градови низ државата“, се наведува во извештајот на ИЈЗ.

Според податоците 297 од заболените се мажи, а 334 се жени.

„Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето – за седмодневен период од понеделник до недела, се забележува континуиран пораст на бројот на случаи на неделно ниво, до 12-та недела. Од 12 до 21-ва недела, бројот на пријавени случаи флуктуира“, забележуваат од Институтот.

Од вкупниот број заболени, хоспитализирани се 90 лица или 14,3 проценти. Од нив, 75 или 83,3 отсто – на возраст до четири години. Најголем број од случаите – 60 или 66,7 проценти се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 85 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена.

„Во тек се две епидемии пријавени на територијата на Скопје и на Куманово. Од вкупниот број регистрирани случаи – 631, 379 односно 60,1 отсто не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани – 201, просек на поминато време од последната доза вакцина до заболување изнесува 12,4 години“, заклучуваат од ИЈЗ.

Од 18 јануари до 23 мај дадени се вкупно 49.934 дози вакцина со компонента против голема кашлица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ