недела, 12 јануари 2025

За Левица нема дилема, или нов претседател на Комисијата за социјална политика или Даути да биде разрешена

Со изгласаната интерпелација на пратеничката Илире Даути, Собранието донесе заклучок дека наводите во интерпелацијата на Левица се основани и дека Даути работела несовесно и неодговорно како претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, велат од Левица во денешното партиско соопштение.

Објавено на

часот

Сподели

Со усвоениот заклучок, велат од Левица, се утврди дека Даути повеќепати го прекршила Уставот, законите и Деловникот на Собранието, преку блокирањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија или т.н Закон за бранители.

„Со оваа констатација, пратеничката од редот на Европскиот Фронт е недостојна да ја врши функцијата претседател на Комисијата и нејзината пратеничка група итно треба да достави нов предлог кој ќе ја замени. Во спротивно, ако на било кој начин остане претседателка на Комисијата, се прави опасен преседан и целосно се девалвира и обезвреднува правната институција ‘интерпелација’. Никакви пристрасни и ‘креативни’ толкувања на Деловникот од страна на спикерот Африм Гаши не можат да ја спасат Даути од одговорност. За жал, неговата очигледна пристрасност во овој случај излегува единствено мотивирана од етничката припадност на пратеничката“, се наведува во соопштението на Левица.

Од партијата очекуваат утре од Комисијата за прашања на изборите и именувањата да се упати барање до пратеничката група на Европскиот Фронт да дадат предлог кој ќе ја замени Илире Даути како претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади.

„Ако тоа не се случи, Комисијата мора да реагира и таа итно да биде разрешена. Согласно Деловникот за работа на Собранието, доколку Европскиот фронт повторно се обиде да ја предложи Даути за претседател на истата комисија, што во пракса би било ништо повеќе од обично подигрување со правните процедури, такво нешто мора да биде неприфатливо за мнозинството кое ѝ изгласа интерпелација, оквалификувајќи го нејзиното работење како незаконско, несовесно и несоодветно. Таков пратеник не може да биде претседател на комисија!“, велат од Левица.

Доколку целата ситуација со блокирање на Законот за бранители се повтори со некој иден претседател на Комисијата од редовите на Европскиот фронт, Левица апелира до власта да собере политичка храброст и да изврши притисок врз спикерот Африм Гаши, „чија деловничка обврска е да го замени секој претседател на комисија кога не си ја извршува својата должност и конечно да се одблокира Предлог-законот за бранителите на Република Македонија“.

„Недозволиво е да се поставуваат опасни преседани поради самоволие на еден претседател на комисија, со што се воспоставува неделовничка пракса одредени предлог-закони воопшто да не дојдат на разгледување пред пратениците, што е недозволиво самоволие и рушење на легитимитетот на законодавниот дом“, велат од Левица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ