понеделник, 28 октомври 2024
Прес конференција на тетовскиот градоначалник

За Касами, полицијата е виновна за сообраќајниот хаос во Тетово

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами денеска на прес-конференција ја критикуваше полицијата дека не соработува со општината и затоа има сообраќаен метеж на поголемите сообраќајници во градот. Според Касами поради неправилното двојно паркирање на улиците, паркинзите стојат празни.

Објавено на

часот

Сподели

„Бележиме една ситуација со која живееме секојдневно во Тетово, а тоа е хаосот во сообраќајот каде што возилата паркираат секаде, а како што се забележува и денеска и секој ден полицијата ја нема никаде. Во места каде што има обезбедено официјални паркинг места, гледаме дека тие паркинг места се полупразни а возилата се паркирани дали на улица, дали на тротоар. За жал МВР, сообраќајната полиција не ги врши нивните работи, со месеци немаме координација меѓу општината и полицијата за да ги реализираме нашите обврски, за да имаме уреден регулиран сообраќај во градот, за да можат граѓаните да ги завршат нивните обврски и секојдневно и редовно“, истакна Биљал Касами.

Градоначалникот се пожали дека поради оваа ситуација општината не може да спроведе и дел од јавните услуги кои се во нивна надлежност.

„Најпроблематично е со јавниот транспорт, како што можеме секој ден да забележиме, автобуските постојки се блокирани, автобусите се принудени да застанат на улица за да се симнат граѓаните од автобусите, односно да се качат. Исто така и камионите за јавна чистота не можат да го подигнат сметот затоа тоа што и контејнерите се блокирани“, рече Касами.

Тој побара полицијата повеќе да интервенира, а смета дека во Тетово нема потреба од дополнителен број паркинг места, туку подобро регулирање на сообраќајот.

„Затоа ја повикуваме сообраќајната полиција без политички калкулации да ги врши своите обврски во координација со општина Тетово за да имаме регулиран сообраќај, за да можат граѓаните да се движат по улиците, тротоарите за да сите ние имаме уреден град. Ова е како предуслов за ние исто после како општина да направиме пресметки колку и каде ни се потребни дополнителни паркинг места. Неслучајно сме тука на ова место каде што е најтесното грло на градот, има паркинг кој е полупразен. Исто така и во центарот на градот каде што е другата критична точка има подземен паркинг кој е речиси полупразен и ова докажува дека не се работи само за потребата од дополнителни паркинг места, туку се работи за неинтервенирање на полицијата, невршење на нивните надлежности во делот на регулирање на сообраќајот,“ рече Касами.

Според податоците на СВР Тетово изминатите 11 месеци од 2023 се изречени вкупно 5.148 мерки за непрописно паркирање на возила во Тетово, а од нив „пајак-служба“ подигнала вкупно 3.767 погрешно паркирани возила, кои директно го попречувале нормалното и безбедно движење на другите учесници на сообраќајот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ