сабота, 27 јули 2024
Голем дел од граѓаните веќе не прават салата од овој зеленчук

За Институтот за храна документот за опасните домати со пестициди е валиден резултат, за Агенцијата за храна и ветерина – само сомнеж

Објавено на

часот

Сподели

Член 91 став 1 од Законот за безбедност на храна вели дека во случај на сомнеж за неусогласеност, на идентитетот, на актуелната дестинација на пратката или во поглед на усогласеноста меѓу пратката и податоците во сертификатот, Агенцијата спроведува официјални контроли со цел да го потврди или да го елиминира сомнежот.

Но каде завршиле овие домати, се изеле ли, се уништиле ли, има ли сѐ уште од нив на тезгите на пазарите, никој не знае. Од АХВ за МКД.мк одговорија дека врз основа на ова, Агенцијата преку инспекторите веќе спроведува дополнителни, засилени контроли на местата каде што се продаваат домати од оператори што извршиле увоз од Република Албанија, заради утврдување на потеклото на доматите, односно дали станува збор за производ од увозно или од  домашно производство и дали доколку се увезени, ја имаат потребната документација, која опфаќа и извршени лабораториски анализи.

Редакцијата на МКД.мк од АХВ чека и официјални документи за претходно извршени анализи на домати, а додека чекаме, ја потсетуваме оваа институција на членот 84 став 1 од споменатиот закон, кој вели дека Агенцијата обезбедува транспарентност во спроведувањето на неговите активности, а за таа цел, информациите со кои располага треба да бидат достапни за јавноста, а особено информациите за вршењето на контролите и нивната ефективност и информациите за ризик, во случај на сомнеж дека храната може да претставува ризик за здравјето на луѓето.

На социјалните мрежи се појави информација дека 10 камиони со небезбедни домати со потекло од Албанија се увезени во Македонија и дека се опасни за здравјето на луѓето. Овој документ го објави и нашата редакција, а од Факултетот за ветеринарна медицина, чиј меморандум стои на документот, ни потврдија дека примероци од домати се донесени и испитани кај нив, дека тоа се добиените резултати, како и дека документот што покажува вредности опасни за здравјето на луѓето веднаш се предадени во АХВ.

„Резултатите за кои ме прашувате се официјален документ издаден од нашата лабораторија во склоп на Факултетот за ветеринарна медицина. За нас тоа е валиден резултат дека примерокот што ни е доставен не е во согласност со стандардите и Законот за безбедност на храна. Веднаш овој документ е испратен до Агенцијата за храна и ветеринарство. Тоа е нашата обврска и ние сме го направиле тоа“, вели за МКД.мк Деан Јанкуловски, директор на Институтот за храна.

И минатата година од земени мостри од увозен зеленчук кои потврдиле присуство на пестициди, но овие пратки биле уништени. Ама никој не знае што се случи и од каде се доматите кои покажаа висока концентрација на забранет пестицид хлорперифос метил.

Во 2023 година заклучно со 15 ти мај увезени севкупно 5.344.228,63 килограми домати, од кои 230 пратки од Албанија со вкупна количина од 1.819.306 килограми. Од почетокот на годинава досега, земени и лабораториски тестирани се 63 мостри од зеленчук од увоз (домати, краставици, пиперки и друго), од кои 26 мостри само од домати. Позитивни на пестициди се само две пратки и тоа една со краставици по потекло од Албанија (нештетно се уништени) и една пратка со пиперки исто така по потекло од Албанија, која сѐ уште се наоѓа по официјален надзор. Минатата година земени вкупно 133 мостри од увозен зеленчук (краставици, пиперки, домати и други производи). Потврдени се лабораториски четири позитивни резултати на пестициди и тоа два резултати од домати увоз од Албанија, еден позитивен резултат од јаболка и еден резултат позитивен на пестициди во пратка со компир, увоз од Белгија. Небезбедните пратки беа нештетно уништени, а за оние по потекло од Република Албанија минатата година известени беа и надлежните државни органи во земјата извозник, за преземање на активности во однос на подобрување безбедноста на производите кои се извезуваат“, велат од АХВ.

Лабораториските испитувања за земените мостри храна од неживотинско потекло од увоз (вклучително и овошје и зеленчук) се на товар на операторот со храна и истите се вршат во акредитирани лаборатории со акредитирани методи

(Државна фитосанитарна лабораторија, Факултет за ветеринарна медицина Скопје, Центрите за јавно здравје и други лаборатории).

Во однос на резултатот од лабораториско тестирање спроведено на Факултетот за ветеринарна медицина, кој беше објавен на социјалните мрежи, (мостра од домат по потекло од Република Албанија), кај која е утврдено зголемено присуство на пестициди, за АХВ се работи за мостри на домати што не се официјално земени од надлежните инспекциски органи, туку од физичко лице и доставени во Факултетот. За нив нема никаков доказ за потеклото на доматите и од каде се земени мострите и затоа резултатот од страна на АХВ се смета за сомнеж“, стои во одговорот од АХВ на нашето прашање за испитаните домати.

Она што официјално и сигурно го знаеме е дека по овие направени испитувања, голем дел од граѓаните повеќе не јадат домати.

Пред неколку дена за официјалните документи за испитаните домати МКД.мк побара толкување од професорката од Земјоделскиот факултет Станислава Лазаревска, а таа ни одговори дека тие покажуваат дека во доматите што се испитувале има една забранета состојка и една состојка со количество над дозволеното.

Состојката хлорперифос метил, која ја има во анализите, е забранета, односно се работи за активна материја што не е дозволена во земјоделската регулатива. Од јануари 2020 година постои забрана за увоз на производи што ја содржат оваа состојка и ако често се консумираат производи што ја имаат, тие доведуваат до хронични промени на здравјето на луѓето.

Ние имаме регулатива за внес на храна, која е усогласена со европската и е многу строга, само треба да се почитува. Ако се утврдило дека има производ со овој инсектицид, тој требало да се врати или да се уништи, но никако да се увезе. Хлорперифос метил не смее да има во ниту еден производ. Втората состојка од анализите, перимифос метил, има вредност што е поголема од дозволената, значи и тоа не е во ред. Сѐ што е забрането или во зголемена вредност не смее да се увезува и да имаме такви производи“, вели во изјава за МКД.мк професорката Лазаревска толкувајќи ги анализите што ѝ ги испративме.

Пестицидот хлорперифос (Chlorpyrifos methyl) e забранет во ЕУ и во САД.

На прашањето што значи тоа за оние граѓани што веќе ги купиле и изеле тие домати, Лазаревска рече дека тоа е веќе изедено и затоа постојат инспекции што не треба да дозволат влез на земјоделски производи со забранети состојки и дека штом нешто е забрането, значи дека е штетно.

                                                                                                                                           Катерина Додевска

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ