Во весникот се истакнува и тоа дека за прославата на Македонците во Овчарани се користи македонскиот топоним, а не грчкиот, Мелити.
Во написот се вели дека „официјалната влада на Северна Македонија ги промовира и зајакнува организациите на ‘Егејските Македонци’, а тоа очигледно ќе значи дека имаме обиди за зголемување на сепаратизмот во Централна и Западна Македонија, кои сега се чини дека имаат државна поддршка, прекршувајќи го Договорот од Преспа“.
Весникот е незадоволен од однесувањето на Атина и на владата на Мицотакис кои одвреме-навреме само изјавуваат дека господинот Мицкоски ќе наиде на пречки на европскиот пат на неговата земја.
Се споменува и „континуираната употреба на терминот ‘Македонија’… a тoa покажува дека има потреба од итна мобилизација на власта… Очигледно е дека Скопје работите ги турка кон Меѓународниот суд на правдата за меѓународно да ја легитимираат употребата на терминот ‘Македонија’ и ќе ја принудат Грција да помине низ долгиот и проблематичен процес на жалба во Хаг… Се надеваме дека сепак, ако нѐ одведат во Хаг, владата и МНР навреме ќе се погрижат да регрутираат сериозна група адвокати од Грција и од странство и нема нема да се задоволат со сопственото ‘правно знаење’ и полузнаење…“, пишува весникот „То парон“.
Дека атмосферата во Грција и меѓу грчката дијаспора се загрева, покажува и известувањето на грчката влијателна Панмакедонска асоцијација во Австралија која прашува како е можно грчките власти да го дозволат отворањето на црквата на архимандрит Никодим Царкњас, Св. Злата Мегленска во Аридеа, С’ботско, во близината на Воден. „Дозволено е да работи православна црква на Словените, која одржува силни врски со Вардариа/Скопје и во која се тврди дека Александар Велики бил скопјанец и има помалку од 100 следбеници. Тажно е и шокантно тоа што грчките власти дозволуваат вакво нешто“.
А.Д.