сабота, 27 јули 2024
Ристо Цицонков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

За енергетска транзиција – греење со топлински пумпи (2)

Информации и практични совети.

Во текот на последниве две декади почнува поширока примена на топлинските пумпи за греење (и ладење) на просториите, но се очекува дека во иднина нивната примена ќе се зголемува уште поинтензивно бидејќи се вклопува во стратегиите за енергетска транзиција кон еколошки технологии. Затоа, во овој напис се дадени повеќе информации и практични совети за потенцијалните корисници. Топлински пумпи се и клима уредите кои што во грејната сезона служат за греење.

Предности на топлинските пумпи во споредба со другите начини на греење на просториите:

– нема нечистотии, пепел, димни гасови;

– нема чистење на оџаци;

– нема носење на гориво секој ден како на пример пелети, огревно дрво или транспорт на нафта;

– економична работа, месечните сметки за потрошена ел. енергија се помали;

– покрај греење во текот на зимата, топлинската пумпа овозможува ладење во текот на летото;

– кај топлинските пумпи воздух-вода и вода-вода има можност за подготовка на санитарна топла вода при што потрошувачката на електрична енергија е неколку пати помала во однос на конвенционалните електирчните бојлери;

– користење на електрично напојување од фотонапонски панели поставени над или до објектот. Инвестицијата е поголема, но би имале речиси бесплатно греење и ладење.

Голема предност на топлинските пумпи е потполно автоматската работа овозможена со фабрички вградени дигитални контролери кои овозможуваат многу погодности. Топлинската пумпа има термостат што може да се програмира на начин на кој во текот на денот да се одржува една темпаратура, а преку ноќ друга (пониска) температура или да биде исклучена од работа. Денес речиси сите домаќинства имаат интернет врска и инсталирано рутер за целиот стан. Кај новите модели на топлински пумпи постои можност да се управува уредот од далечина со мобилен телефон и тоа за следниве функции: вклучи/исклучи, индикација за аларм, следење на температурата во просторијата и сетирање на истата итн. Ова е корисно за случаите кога сте на работа, а нема никој во станот, па можете да го вклучите уредот порано пред да пристигнете дома. Ова е особено практично за викендички (и викенд станови) каде што уредот може да се вклучи од мобилен телефон многу порано за претходно загревање на станот.

Топлинските пумпи ги има и во продавници за широка потрошувачка, се продаваат заедно со пегли, миксери, телевизори итн. Но пред купување на топлински пумпи, се препорачува граѓаните претходно да се консултираат со стручни лица, а најдобро е да посетат специјализирани продавници за греење и климатизација.

Капацитетот на топлинската пумпа не се одредува според тоа колку квадрати има просторијата. Тоа треба да го направи стручно лице во зависност од повеќе фактори. Ако се работи за индивидуална куќа, може де се применат разни решенија вклучувајќи подготовка и на санитарна топла вода. Кај зградите може да се применат разни системи во зависност од нивната намена. На пример, кај административните згради и оние за комерцијална намена, пожелно е да се применат централни системи за греење и ладење со една или повеќе топлински пумпи кои во лето ќе служат и за ладење.

Монтажата на топлинските пумпи (сплит системи) треба да ја вршат само обучени сервисери. Пожелно е да имаат некој сертификат. Топлинската пумпа е наполнета со специјален гас (ладилен флуид) под притисок, најчесто го викаат фреон иако денес не се употребува гас со такво име. Сплит системите се состојат од надворешен и внатрешен дел, а тие се поврзани со цевки. По монтажата, првин се врши вакуумирање на системот, а потоа полнење со специјалниот гас под притисок. Задолжително се проверува дали има пропустливост на споевите.

Во старите клима уреди и ладилни машини се употребуваа специјални гасови (ладилни флуиди, наречени фреони) кои се штетни за озонската обвивка на земјината атмосфера. Од пред 25 години се воведуваат во примена нови алтернативни флуиди, но тие имаат голем потенцијал на глобално загревање и скоро во цел свет постојат прописи со кои се забранува нивно испуштање во атмосферата, а лицата што работат со топлински пумпи и ладилни уреди мора да имаат сертификат дека се обучени за правилна работа. Затоа, монтажата и кај нас треба да ја вршат само обучени сервисери. Од контактите што ги имам со лица кои работат во оваа област, тие велат дека кај нас нема инспектори што ја контолираат оваа работа.

Во зависност од локацијата каде што е поставена топлинската пумпа, на надворешната единица може да се нафаќа нечистотија која го намалува преносот на топлина од/кон надворешниот воздух, а со тоа се намалува енергетската ефикасност на уредот. Ако има нафатена нечистотија, таа е видлива со голо око и во таков случај треба да се повика обучено лице да направи соодветно чистење. Надворешната единица има многу тенки алуминиумски ламели кои лесно се деформираат. Затоа, корисникот не треба да ги чисти на своја рака.

Како и кај секоја друга машина и кај топлинската пумпа може да настане дефект, на пример: недоволно да грее или недоволно да лади, или некоја друга неправилна работа, дури и да престане да работи. Во таков случај треба да се повика обучен сервисер. Често пати е потребна замена на некој дел и тука може да се јави голем проблем бидејќи на пазарот во Македонија се продаваат стотина типови на топлински пумпи за кои нема резервни делови од сите производители. Затоа, се препорачува овие уреди да се купуваат од специјализирани продавници (фирми) кои имаат и обучени сервисери и чуваат резервни делови за нивните производи. Ова е многу важно бидејќи дефекти настануваат неочекувано кога надвор е најстудено или најтопло, а тогаш корисникот не е во состојба да чека со денови во барање резервни делови, да нема можност за некоја стручна интевенција…

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје   

(Авторот е прогласен за почесен член на Меѓународниот институт за ладилна техника (IIR) со седиште во Париз)

За енергетска транзиција – греење со топлински пумпи (1)

 

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ