сабота, 21 декември 2024
Центар за јавно здравје

За една недела во Куманово се регистрирани пет нови случаи на голема кашлица

Пет нови случаи на заболени од пертусис евидентира Центарот за јавно здравје Куманово, изминатата недела, информираа денеска од епидемиолошката служба на јавната здравствена установа.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Заклучно со 10 октомври годинава на подрачјето на Центарот за јавно здравје Куманово кој опфаќа шест општини (Куманово, Крива Паланка, Кратово, Старо Нагоричане, Липково и Ранковце) од почетокот на февруари пријавени се 148 случаи на голема кашлица од кои пет се последнава недела.

„Во однос на претходните недели се забележува намалување на бројот на пријавени случаи на заболени од голема кашлица. На подрачје на ЦЈЗ, минатиот месец имаше единаесет случаи додека најмногу биле евидентирани во јули. Од петмината заболени, двајца се на возраст од 30 до 33 години, останатите се деца од нула до четири години“, изјави раководителот на одделението за епидемиологија, од Центарот за јавно здравје Куманово, д-р Јадранка Стаменковска.

Вкупниот број во кумановскиот центар од 148 случаи зафаќа десет и пол проценти од вкупниот број на заболени во земјава.

„Се следи состојбата остануваме на мерките и активностите кои ги презема епидемиолошката служба од Центарот за јавно здравје заедно со вакциналните пунктови од здравствените домови и вакцинацијата останува најважна мерка кон која сите треба да бидеме насочени“, додава Стаменковска.

Лабораторијата на ЦЈЗ има потврдено 124 случаи на пертусис. Заболените треба да се изолираат останува препораката матичните доктори навреме да ги упатуваат за испитувања и редовно да ги пријават во епидемиолошката служба.

Од Центарот за јавно здравје велат дека се преземаат мерки согласно укажувањата на здравствените установи, засилени епидемиолошки истражувања, откривање сомнителни случаи, проверки на вакцинални статуси, изолации на заболени и препораки за привремено исклучување од установи, школи, градинки, едукативни центри, редовно и навремено пријавување на заболувања од матични лекари, епидемиолошки увиди кај вакцинанлни пунктови, препораки за вакцинирање на сите невакцинирани, непотполно вакцинирани, повикување за вакцинација, комуникации со надлежни установи да не се примаат на настава деца со сомнителна кашлица и температура, мерки за хигиена, забрани за посета во болницата на хоспитализираните.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ