сабота, 27 јули 2024

За единствената независна листа не се собраа потписи, на изборите ќе има само партиски листи

На парламентарните избори нема да има ниту една независна кандидатска листа за пратеници. До Државната изборна комисија беше поднесена една иницијатива за кандидирање на пратеници во Изборната единица 1 со 20 имиња. Листата ја поднесе Ана Бобинкова Мијаковска, но потребните 1.000 потписи од граѓани за поддршка на листата не беа собрани. Битката за пратеничките фотелји ќе ја бијат партиите со своите листи, бидејќи регистрираните политички партии не мора да собираат потписи. Од следните избори ќе биде уште потешко да се соберат потписи на поддршка, бидејќи минатата недела е подигнат прагот.

Објавено на

часот

Сподели

Од Државната изборна комисија за МКД.мк изјавија дека зад иницијативата за поддршка на изборната листа на Ана Бобинкова Мијалковска застанеле 106 граѓани со своите потписи. Рокот за собирање на потписите беше ист како и за кандидатите за претседател на Македонија, кој истече на полноќ на 8 март. ДИК за оваа независна иницијатива имеше објавено кусо соопштение во кое граѓаните со право на глас ги извести дека можат својот потпис да го дадат во една од подрачните канцеларии на комисијата на територијата на Изборна единица 1.

Наспроти недоволниот број собрани потписи за единествената независна листа за пратеници, Бобинкова Мијалковска не е сосема непознато име на македонската политичка сцена. Таа е претседателка на Здружението на граѓани „Преродба“ кои предводеше протести против Преспанскиот договор во 2018 година. Бобинкова Мијалковска кампуваше пред Собранието на Македонија изразувајќи го своето несогласување со промената на името на државата и бараше договорот со Грција да не се потпише, односно потоа да се поништи. Даваше и изјави за медиумите кои содржеа голема огорченост.

Борбата за името и за промени на власта Бобинкова Мијалковска ја продолжи и потоа, потпирајќи се главно на социјалните мрежи.

Социјалните мрежи беа главниот адут и во активностите да се привлечат барем илјада граѓани да ѝ дадат поддршка заедно со членови на здружението да се обидат да влијаат врз државната политика.

„До сега бевме присутни тука, надвор пред парламентот, изразувајќи ги своите барања за промени во државата, бараме сега од вас граѓаните да ни дадете поддршка одвнатре да ја продолжиме борбата за нашата Татковина – Македонија“, им порача на граѓаните од пред Собранието Бобинкова Мијалковска барајќи го нивниот потпис.

Во првите денови од законскиот рок за собирање на потписите таа упати остро обраќање до Државната изборна комисија во форма на отворено писмо адресирано и до дипломатските претставништва во кое се пожали на игрнорантски однос и дискриминација.

„Не пости ниту една информација дека истовремено додека трае собирањето потписи за кандидатите за претседател се собираат и потписи за кандидати за пратеници, во истиот рок, а краен рок до 8-ми септември до 24.00 часот. Ова е тешко прекршување на избирачкото право, на сите нас 20 кандидати кои сме на нашата независна листа, но и на избирачкото право на сите вас, суверениет на Македонија, кои сте излажани повторно од корумпираниот систем и од недостојните политички елити кои ја сокриваат од сите вас вистината, а во содејство со медиумите со кои ги пласираат нивните недостојни политики“, наведе таа во својата реакција изразувајќи чудење како е можно, наспроти нив, кои како што наведе, се борат за интересите на Македонија, оние кои „продолжуваат да водат компромитирачки политики врз грбот и правата на Македонија и на македонскиот народ, да добиваат илјадници потписи од граѓаните“.

Инаку, во иднина уште потешко ќе биде независните кандидати и кандидатски листи да ја добијат поддршката од граѓаните. Големите партии во Собранието на Македонија минатата недела, во рамки на измените на Изборниот законик, изгласаа од наредните избори, прагот од досегашните 1.000 потписи да се зголеми на 1 отсто од запишаните избирачи во конкретната изборна единица за кои се поднесува иницијативата.

Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, кој не гласаше за ваквата измена, со еден пример илустрираше што практично значат тие 1 отсто од запишаните гласачи.

„Наместо досегашните 1.000 потписи за градоначалник или за советничка листа во Град Скопје, сега ќе треба да соберете над 4.600! Демократски, нема шо“, напиша Апасиев на Фејсбук.

Или, во Изборната единица 1, каде конкурираше „Преродба“ на Бобинкова Мијалкова, во иднина, наместо 1.000 потписи, со усвоените измени на независните ќе им требаат 3.372 потписа за да поднесат независна листа.

Во ИЕ 2 на независните ќе им бидат потребни 2.408 потписи, за ИЕ 3 – 3.005, за ИЕ 4 – 2.945, за ИЕ 5 – 3.395 и за ИЕ 6 – 2.486 потписи.

Невладините организации Независни За Карпош – За Заштита На Карпош – Скопје, Зелен Хуман Град – Скопје, Шанса за Центар – Центар – Скопје, Подобро за Тетово – Тетово, Понаку – Битола, Зелените Од Гази Баба – Скопје, СТИГА Е – Струмица, СТИГА Е – Фронт против рудникот и загадувачите на животната средина – Босилово, Ново Село, реагираат поради донесените измени и бараат нивно поништување.

Тие бараат веднаш да се отстранат апсурдните услови за собирање потписи на независните кандидати на избори, и да се постави услов од најмногу 50 собрани потписи за независни кандидати, да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена, да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче и да се дозволи пристап и на независните до избирачкиот список.Тие наведуваат примери од демократски земји каде е голема толеранцијата кон независните и невладините. Некаде се потребни неколку потписи, некаде само десетина, или како во Австрија и Белгија од 200 до 500 потписи.

П.Џ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ