понеделник, 21 октомври 2024

За две именувања на претседателката Сиљановска Давкова отворени се предмети во ДКСК

Државната комисија оформи предмет по поднесена пријава за именувањето на Ивана Стојановска за заменик директор во Агенцијата за разузнавање. Постапката по оформениот предмет е во тек и се прибираат податоци и информации од надлежните институции потребни за утврдување на фактичката состојба во конкретниот случај, се вели во одговорот на Државната комисија за спречување на корупцијата на прашањето на МКД.мк за претставката за ова именување од 3 јули. Случајно или не, биографијата на Стојановска сè уште не е објавена на интернет страницата на Агенцијата за разузнавање. Таму пишува само дека Габриела Јаковлева, новата директорка на АР, и Ивана Стојановска, се долгогодишни професионалци во Агенцијата за разузнавање.

Објавено на

часот

Сподели

Два месеца трае проверката на ДКСК за именувањето на Ивана Стојановска за заменик директор на Агенцијата за разузнавање од страна на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова. Веднаш по именувањето, се објавија информации дека Стојановска не ги исполнува основните услови, а тоа е десетгодишно искуство во областа на безбедноста, одбраната и надворешната политика. Во член 9 од Законот за Агенција за разузнавање наведен е условот заменик директорот на АР да има најмалку 10 години работно искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, од кои пет години на раководно место во АР.

Стојановска пред вработувањето во Агенцијата за разузвање (17 октомври 2016 ) била ангажирана во ФОН, на  Факултетот за политички науки и меѓународни односи а, во 2007 година е избрана за соработник на Факултетот за информатика (со редоследни избори до 2014) и била ангажирана како асистент по наставен предмет на Факултетот за детективи и безбедност на американскиот универзитет на Европа ФОН.  Ова значи дека работниот ангажман на Ивана Стојановска бил во делот на научно-истражувачката работа и информатика.

Со нејзиниот ангажман како асистент по наставен предмет на Факултетот за детективи и безбедност се прави обид да се претстави како работно искуство во безбедноста, а намерно не се наведува дека ангажманот е по предмет информатика. Стојановска држела вежби по предмет информатика на повеќе факултети, а не само на Факултетот за детективи… Тоа не е работно исксутво во областа на безбедноста, пишува во претставката доставена до ДКСК.

На 3 јули ДКСК отвора предмет (бр 12 1859/1) за именувањето (28 јуни) на Ивана Стојановска за заменик директор на Агенцијата за разузнавање.

Стојановска е вработена во АР на 17 октомври 2016 година или има 7 години и 9 месеци искуство во областа на безбедноста одбраната или надворешната политика. Претходното нејзино искуство е во областа на образованието, но не и во безбедноста, одбраната и надворешната политика.

Во барањето на ДКСК до кабинетот на претседателот на државата се вели дека се бараат дополнителни информации за именувањето на Стојановска и можно доставување на лажна биографија и фалсификувани документи. ДКСК бара какви податоци Стојановска презентирала во кабитенот на претседателот и дали претседателката ја знаела фактичката состојба пред да ја донесе Одлуката за именување и дали свесно го прекршила Законот за АР.

Од кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова за овој случај информираат дека сè е во  согласност со условите за именување на заменик-директор на оваа установа. „Ивана Стојановска го исполнува законски пропишаниот услов, дека има најмалку десет години работно искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, од кои пет години на раководно место во Агенцијата, а има севкупно 18-годишно искуство од областа“, велат од претседателскиот кабинет.

Сличен е одговорот од кабинетот на претседателката за именувањето на Сашо Лафчиски за началник на Генералштабот на АРМ и исполнувањето на условите за, најпрво унапредувањето во генерал мајор и именувањето во началник. И за овој случај ДКСК отвори предмет.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ