сабота, 27 јули 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

За дипломатот ќебапче, за Бујар бифтече

Нашиот дипломатски работник е чувствително битие. Не му е сеедно кога неговиот шеф мизерно плаче по телевизии дека платата му била мала, ама дека еве сега, последното покачување ќе помогнело во справувањето со корупцијата. Онака дипломатски, си размислувам, можеби човекот е во право. Можеби токму тука е лекот за најголемата рак рана на општеството. Ако е Бујар во право, ајде да им ги качуваме платите на функционерите, одново и одново, се додека сосема не ја уништиме корупцијата. Ма, во корен ќе ја сосечеме.

Дипломатските работници со својата просечна плата во МНР од 28.000 денари одамна ја загубиле битката со инфлацијата. Дури и највисоката директорска плата во министерството со своите четириесетина илјади денари е три пати помала од новата плата на министерот. Но, зошто би им ја покачиле? Тие и така треба да бидат послушни, да го величат шефот и да му се измолат да ги прати било каде надвор, каде што со додатокот за работа во странство ќе имаат илузија дека трудот ете почнал вистински да им се вреднува. А тоа што придонесите и натаму ќе им се исплаќаат според платата во Македонија и што пензиите ќе им започнуваат со 2-ка, не е важно. Три дена цар, па после нека се гине.

А на злонамерните, кои што не ѝ се израдуваа на високата плата на министерот, крајно време е со аргументи да им се укаже дека не се во право.

Прво, покрај министерувањето за кое ја прима платата, тој е несебично волонтерско-партиски ангажиран на „дисциплинирање“ на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, што ќе признаете е „огнено“ тешка работа. Човекот не спие ни дење ни ноќе. Веднаш по истекот на работното време мора да трча во Чаир. Па уште, замислете, му замерувале што на партиски активности одел со службеното возило на МНР. А паузата во работно време е само пола часа. Нормално, не се стига.

Второ, тој веќе 4 години со успех координира на изградбата на историскиот двокилометарски пат кон Блаце и како што стојат нештата, уште долго ќе му биде на товар таа обврска. Заради тоа, му предлагам една креативна идеја – да ги собере сите дипломати што ги држи во изолација и наместо моби-нг да ги моби-лизира и со лопати во раце да ги ангажира на трасата кон Блаце. Ќе има тука место и за портпароли, организатори, а богами и бригадири, кои едвај чекаат да се впрегнат во било каква работа. Мора некако да си ја заработат платата. Победничка стратегија. Сите среќни. И тие што се изолирани на работа во МНР, но исто така и Координаторот, кој што нема да мора да обезбеди екстра пари за плати. А резултатите на европскиот пат видливи, па макар тој водел и кон Косово.

Трето, и покрај убавата финансиска инекција што ја побарал (и ја добил) од Владата за претседавање на Македонија со ОБСЕ во 2023 година во висина од 5 милиони евра, тој со успех, еве веќе петти месец по ред, избегнува да помогне од својата моќна фотелја на претседавач на ОБСЕ во решавањето на бугарскиот јазол на нашиот пат кон ЕУ. Дали злонамерните мислат дека тоа е лесно?  Секој ден да избегнуваш секакви коментари по медиуми и социјални мрежи за малтретирањата од источниот сосед и ни со око да не трепнеш? Да знаеш повеќе што е добро за припадниците на народот на кој не припаѓаш од самите нив? Да ставаш свои сопартијци во Работната група за измена на Уставот, кои што исто така знаат што е подобро за нас од нас самите?

И сето тоа го работи гратис. Ве молам, немојте да ситничарите. Нека му е на здравје бифтечето, крв да му се стори. Малку ли проблеми си има човекот? И сето тоа само за една, па макар и покачена плата?

Еве, пред неколку дена го тужеле за клевета некакви си Канаѓани заради тоа што финансирале основање на македонски клубови во Бугарија, а тој со право ги нападнал. Што имаат канадски државјани со македонски клубови? Мора да имале некаков скриен интерес. Кој знае која светска сила се крие зад формирањето на овие клубови со имиња на македонски дејци и преродбеници? Сето тоа, ќе признаете мириса прилично сомнително.

И на крај, кога после сите овие стресови и напори ќе си дадеш малку оддушка на душичката и медиумски ќе се израдуваш на визната либерализација на Косово, веднаш те критикуваат дека се однесуваш како навивач и дека треба да си го гледаш државниот двор и да не се мешаш во комшиски расправии. Па и таа канцеларија на ОБСЕ во Косово? Што им требало со остар тон да бараат од косовските власти да им застанат на пат на етничките насилства врз тамошното малцинство? Зошто го ставаат во ситуација тој како претседавач со ОБСЕ да мора да реагира лично, а тој не сака? Е па нема да реагира.

Ете тоа е иден лидер. Цврст и непоколеблив. Цврсто загледан во далечината на идната евро перспектива. Затоа, во името на светлата иднина ќе ги замолам сите незадоволни да престанат му гледаат на шефот во чинијата и да си го јадат своето ќебапче. Само позитива! Нашата дипломатија е многу издржлива. Го издржа неговиот претходник, ќе го издржи и Бујар.

                                                                                                                      Зоран Дабиќ, амбасадор

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ