понеделник, 21 октомври 2024

За четири години државата наплатила само 1,7 милиони евра од ископ на мермер, констатира ДЗР

За четири години државата наплатила само 1 отсто или 1,7 милиони евра од ископот на најквалитетниот мермер, додека 99 отсто од приходот завршил во џебовите на концесионерите кои работат на ископот на домашниот мермер, откри денеска Државниот завод за ревизија во најновиот Извештај кој дава одговор на прашањето, дали политиките и преземените мерки од надлежните органи обезбедуваат сигурност за ефикасно доделување на концесии и надзор над реализацијата на склучените договори за експлоатација на минерални суровини со цел да се обезбеди нивна оптимална искористеност. Со ревизијата се опфатени три прашања меѓу кои и надоместокот кој концесионерите ѝ го плаќаат на државата за искористувањето на минералните суровини.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Во период од 2018 – 2022 година, државата остварила добивка од 103.248 илјади денари или 1,7 милиони евра што претставува 1 отсто од остварените приходи што концесионерот ги остварил од продажба на најквалитетниот мермер во Македонија, констатирал Државниот завод за ревизија (ДЗР).

„Висината на надоместоците за користење на простор кои се определени во државата е утврдена на ниско ниво, а воспоставениот начин на пресметка на надоместоците за експлоатирани количини не ги одразува реалните пазарни и продажни цени кои ги остваруваат концесионерите и истиот не придонесува за правично и рамноправно оптоварување на концесионерите“, велат од ДЗР.

Освен ова, ревизорите констатирале дека за периодот 2018 – 2022 година, констатирани се помалку наплатени концесиски надоместоци во вкупен износ од 21 милион и 50 илјади денари односно 341 илјади евра од кои, 9 милиони и 804 илјади денари по основ на простор, 5 милиони и 421 илјади денари по основ на експлоатирана минерална суровина и во износ од 5 милиони и 825 илјади денари по основ на пресметана, а ненаплатена камата и ненаплатен надоместок по записници од УЈП.

„За истиот период, ненавремено, односно по истекување на законски утврдениот рок наплатени се вкупно 1.174.809 илјади денари односно 19 милиони евра по основ на концесиски надоместок за простор и експлоатирана количина на минерални суровини. Во периодот на известување од ревизијата од вкупниот износ уплатени се 8 милиони и 392 илјади денари за концесиски надоместоци и камата, а по основ на дадените препораки од претходната ревизија наплатена е камата во вкупен износ од 6 милиони и 136 илјади денари која се однесува за периодот 2016-2022 година, што претставува додадена вредност во остварување на буџетски приходи“, велат од Државниот завод за ревизија.

Оттаму велат дека системот на плаќање на концесиските надоместоци се спроведува без да биде уреден начинот на меѓусебна комуникација и размена на податоците помеѓу надлежните институции и без јасно дефинирање на меѓусебните односи и надлежности, што создава слабости во непречено и целосно следење на плаќањето и преземање на навремени мерки и активности за наплата на ненаплатените надоместоци од страна на концесионерите.

„За вршење на експлоатација на минерални суровини за периодот 2018 – 2022 година, наплатени се вкупно 2 милијарди 781 милиони и 24 илјади денари или околу 45 милиони евра концесиски надоместоци од кои, 287 милиони и 307 илјади денари или околу 4,6 милиони евра надоместок за користење на простор, 2 милијарди 487 милиони и 581 илјади денари  или околу 40,2 милиони евра надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина и 6 милиони и 136 илјади денари за камата по двете основи“, констатирале ревизорите од ДЗР.

Од ДЗР објаснуваат дека концесионерот кој што врши експлоатација на минерални суровини е должен да плаќа годишен надоместок за користење на просторот и надоместок за експлоатирана (продадена) количина на минерална суровина , предмет на концесијата. Парите се уплатуваат на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка и се 22 отсто од приходот на Буџетот на Македонија и 78 отсто од приход на буџетот на општината на чие подрачје се врши концесиската дејност.

„Системот на плаќање на концесиските надоместоци се спроведува без да биде уреден начинот на меѓусебна комуникација и размена на податоците помеѓу надлежните институции и без јасно дефинирање на меѓусебните односи и надлежности, што создава слабости во непречено и целосно следење на плаќањето и преземање на навремени мерки и активности за наплата на ненаплатените надоместоци од страна на концесионерите“, констатирале ревизорите од ДЗР.

За експлоатација на минерални суровини заклучно со 2022 година се доделени вкупно 348 концесии на 257 концесионери, на вкупна површина од 333,73 километри квадратни, што претставува 1,3 отсто од вкупната територија на државата, од кои за експлoатација на мермер се доделени 29 концесии.

„Со извршената ревизија и обезбедените докази стекнавме разумно уверување дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не обезбедуваат целосна подготвеност и сигурност за остварување на оптимална искористеност на минералните суровини, сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци и ефикасен систем на надзор над реализацијата на склучените договори“, констатирале од Државниот завод за ревизија.

Државниот завод за ревизија согласно Годишната програма за работа за 2023 година изврши ревизија на успешност на тема “Ефикасност на постапките за доделување на правото за вршење на експлоатација на минерални суровини и реализација на склучените договори, со посебен осврт на мермерот“ со цел да се даде одговор на прашањето, дали политиките и преземените мерки од надлежните органи обезбедуваат сигурност за ефикасно доделување на концесии и надзор над реализацијата на склучените договори за експлоатација на минерални суровини со цел да се обезбеди нивна оптимална искористеност.

Ревизијата на успешност е извршена во периодот од 2 март 2023 до 30 декември 2023 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ