сабота, 21 декември 2024

За 9 од 600 поени му избега златото, средношколецот Дамјан Давков втор на Олимпијадата по информатика

На Интернационалната олимпијада по информатика што се одржува во Александрија, Египет, средношколецот од Штип, Дамјан Давков го освои среброто, а од златниот медал го делеле само 9 поени. Можните 600 поени на натпреварот ги добил само Кангјанг Жоу, ученик од Кина, што ретко се случува на олимпијадите и тој се закити со златниот медал. Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп освои олимписка пофалница.

Објавено на

часот

Сподели

Македонскиот тим од областа на програмирањето за средношколци, на олимпијадата беше составен од учениците Дамјан Давков од Штип, Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Виктор Максимоски од Гостивар и Софија Велковска од Скопје, предводени од лидерите, проф. д-р Миле Јованов проф. д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

„Нашиот тим за годинешната ИОИ беше избран преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 35-ти пат“, вели проф. д-р Миле Јованов, претседател на  Здружението на информатичари на Македонија.

„Радосен сум од успехот на нашите ученици, кои се вистински амбасадори на нашата земја. Овој успех се должи на интензивна работа на повеќе волонтери вклучени во работата на Здружението, а можноста за учество на натпреварите ни ја дава поддршката од нашите поддржувачи, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и неколку општествено одговорни компании како Sorsix, Netcetara, Codecham и Loka“, рече Јованов.

Со ваков млад тим, како што вели Јованов, со ученици кои имаат право и следните години да учествуваат на ИОИ, можеме да очекуваме дека следната година ќе имаме уште поголеми резултати, и уште еднаш ќе испишеме историја за Македонија.

На 36. издание на ИОИ годинава учествуваат вкупно 370 ученици од 96 земји од целиот свет.

Македонските информатичари досега на олимпијадите имаат освоено 4 сребрени и 24 бронзени медали, а Давков лани ја освои бронзата.

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите членки на ИОИ заедницата.

На овој натпревар учествуваат одбрани талентирани средношколци од целиот свет, кои натпреварувајќи се ги изоструваат своите информатички вештини, како што се анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање и тестирање.

Следната, 37-ма по ред, Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2025) ќе се одржи идната година во Боливија.

Следен настан, пак, кој им претстои на нашите информатичари, е Балканската олимпијада по информатика (БОИ), чиј домаќин ќе биде Македонија, во периодот од 20 до 26 септември во Охрид.

Здружението на информатичари на Македонија ќе биде домаќин на повеќе од 100 учесници од 15 различни земји и за таа цел подготовките се во тек, а повикот за спонзорства од македонските компании е сè уште активен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ