Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) велат дека со инсталираниот капацитет што е изграден за седумнаесет месеци може да се задоволат потребите на 96.700 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија од 12 градови во државата – Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Св. Николе, Ресен, Дојран, Дебар, Виница, Струга и Неготино.
„Сѐ повеќе компании, фабрики во земјава сами си произведуваат електрична енергија и сметките им се значително намалени, токму поради инвестициите во фотоволтаици. РКЕ за пет месеци од почеток на годинава има издадено лиценци за централи со вкупна инсталирана моќност од 94,7 мегавати а да потсетиме дека за цела 2022 година вкупната инсталирана моќност на централите од обновливи извори кои произведуваат струја доминантно од Сонце, но и од ветер, вода и биогас изнесува 152,2 мегавати“, посочува претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.