петок, 1 март 2024

За 1 Мај честитки од Пендаровски, Џафери и Ковачевски, сите во одбрана на работничките права

Објавено на

часот

Сподели

На 1 Мај – Денот на трудот, да се потсетиме и да им оддадеме признание на сите оние кои придонесоа за поправеден однос кон работниците, наведува претседателот Стево во првомајската порака.

„Истовремено, благодарни сме и на сите кои и денес се борат за обезбедување на пристојни услови за работа, соодветни плати и социјална сигурност, градејќи општество каде чесната работа достоинствено ќе се цени и ќе бидат целосно заштитени работничките права“, истакнува шефот на државата.

Пендаровски посочува дека развојот и напредокот на Македонија, воедно и предуслов за младите да останат во својата татковина, во голема мера зависи од условите за работа и современите стандарди на работниците. 

„Затоа, треба постојано да ги преиспитуваме остварените права на работниците, да спречуваме нивна експлоатација, да размислуваме како да ги унапредиме за да донесеме поголем просперитет. Наша задача е да обезбедиме работниците да го имаат потребното образование и обука, да постои фер третман од работодавачите, да ги отстраниме бариерите за целосно учество на работното место за граѓаните со попреченост. Да се посветиме на обезбедување можности за сите, бидејќи секој работник заслужува почит и има право на достоинствен живот. Честит 1 Мај на сите работници“, нагласува претседателот Пендаровски во порака по повод 1 Мај – Денот на трудот.

Сакам да го изразам моето цврсто убедување дека 1 Мај не треба да не потсетува само денес, туку сите 365 дена од годината дека, градењето на рамноправно општество на рамноправни граѓани почнува од најобичниот човек, од најмалите работни места до највисоките, наведува претседателот на Собранието, Талат Џафери во честитката по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.

„Работникот, работничките права и должности, нивната безбедност и заштита на работа, подеднакво валоризирање, почитување на секој еден од нив, мора да биде на врвот на приоритетите за секој од општествените чинители. Обезбедувањето на пристојни услови за работа кои ќе ги мотивираат да се вложат најмногу што можат, ќе им даде чувство на припадност и грижа, чувство дека не го носат сами товарот на економските предизвици кои го обременуваат секојдневието од ден на ден се повеќе“, додава Џафери.

Собранискиот претседател нагласува дека обезбедувањето на пристојни услови за работа на работниците влијае и на нивното физичко и ментално здравје, кое се рефлектира и во семејствата како основни клетки на едно здраво општествено ткиво.

„Нека биде добро и праведно општество, нека биде грижливо и полно разбирање за сите. Само тогаш ќе имаме напредок и успех, како колектив, како држава и економија. Честит 1 Мај, бидете живи, здрави и рамноправни, вели Џафери во честитката упатена во име на пратениците во Собранието и негово лично име по повод 1 Мај.

Изразувам огромна почит кон сите кои со својот труд обезбедуваат стимул и развој на нашата држава. Дури и во услови на најголемата економска и енергетска криза која ја паметиме во изминативе децении, вели премиерот Ковачевски во видео честитката по повод Денот на трудот – 1 Мај.

„Системските решенија до кои дојдовме преку социјалниот дијалог дадоа резултат и го зацврстија партнерството и со синдикатите и со сите засегнати страни. Токму затоа, денес, минималната плата е над 20.000 денари, што е зголемување од 100 проценти во однос на 2016-та година. Предвремено го исполнивме ветувањето за просечна плата над 500 евра, а и ги зголемивме платите во образование, во здравство и во безбедносните сектори“, наведува премиерот Ковачевски во првомајската честитка. 

Тој потенцира дека Владата постави здрава основа и затоа и минималната и просечната плата, континуирано ќе растат.

„Го почитуваме и цениме трудот на секој работник и поради тоа, денес ние веќе не сме дестинација со евтина работна сила. Денес, инвеститорите ја препознаваат стабилноста и можноста за раст и развој на државата која е земја членка на НАТО, земја со отпочнати преговори со Европската Унија и инвестираат и отвораат нови, добро платени работни места“, потенцираше премиерот.

Осврнувајќи се на минатата година, Ковачевски нагласува дека 2022 година е заокружена со нови инвестиции од над 430 милиони евра и 2.300 нови работни места, а само во технолошко-индустриските зони имаме над 16.500 вработени, што за повеќе од 10.000 во од 2017-та, па досега. 

„Ова темпо продолжува и понатаму. Со реализацијата и изградбата на коридорите 8 и 10д, овозможуваме нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2 отсто годишно во наредните 5 години“, вели премиерот Ковачевски.

Тој истакнува дека сите мерки и системски решенија кои ги носи Владата се насочени кон подобар животен стандард на граѓаните.

„Оваа зима пак, не изоставивме никого. Покажавме одговорност и донесовме неколку пакети антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра, со кои го заштитивме животниот стандард, но и работните места. Ова е време на солидарност, но и време кризата да се препознае како можност. Знаеме дека секогаш може подобро и повеќе и за тоа и се бориме. Оваа посветена работа ќе продолжи и понатаму. За Вас вратите во Владата се секогаш отворени. Заедно, рамо до рамо, ќе ги решаваме сите предизвици, а во мене и во Владата вие секогаш ќе имате сојузник“, додава премиерот Ковачевски во честитката упатена до сите граѓани по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот во негови име и во име на Владата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ