сабота, 22 март 2025

Вулин: Српските власти им се благодарни на руските служби за помошта во борбата против обоената револуција

Српските власти се благодарни на руските специјални служби за информациите кои помагаат во борбата против обоената револуција, изјави за РИА Новости српскиот вицепремиер Александар Вулин, пренесува денеска РТ Балкан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Многу сум им благодарен на руските специјални служби кои секогаш нè поддржуваат во нашата борба против обоените револуции, пред сè со информации“, рече тој.

Вулин додаде дека „тие (руските служби) знаат каква опасност ѝ се заканува на Србија“, пишува сајтот РТ Балкан.

„Имаме многу добра комуникација и многу сум благодарен за тоа“, рече Вулин, кој е и претседател на Движењето на социјалистите, долгогодишен коалициски партнер на владејачката Српска напредна партија.

Тој рече дека претходно специјалните служби на Русија и Србија официјално се договориле да соработуваат во борбата против обоените револуции и дека, како што наведе, „тоа сè уште останува на сила“.

Тој нагласи дека ги почитува граѓаните кои учествуваат на протестите, но дека, како што наведе, „не треба да има странско мешање во овие процеси“.

„Го почитуваме големиот број луѓе кои дојдоа на митингот на 15 март во Белград и нивното право да го изразат својот став. Но, веруваме дека странци не треба да се мешаат во сето тоа. И морам да признаам дека сега е добро познат факт дека ова е обоена револуција, финансирана и организирана од западните разузнавачки служби“, рече Вулин.

Во текстот се наведува и дека тој признава дека на митинзите учествуваат многу обични, чесни граѓани, но дека зад нив стојат активисти ангажирани од Западот – невладини организации и амбасади.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ