„Европската Унија не создаде ни европски ни евроазиски мировен поредок. Да создадеше, оваа војна немаше да се случи. Војната не почна пред две години. Почна по распадот на Југославија, по етничкото чистење на Србите во Хрватска и по бомбардирањето на Србија во 1999“, кажа Вулин.
Тој потоа укажа на „неисполнетите ветувања на НАТО дека нема да продолжи да се шири на Исток“, на „насилната промена на власта во Украина“, и истакна дека „со признавањето на Косово како независна држава е уништен секој принцип на меѓународните граници – бидејќи ако српските граници не се свети, зошто украинските граници би биле свети“.
Со напомена дека Вулин „очигледно негува длабока недоверба кон Западот и Европа“, новинарот праша: „Што е за вас ЕУ: организација чиј дел сакате да станете во иднина или противник?“
„Србија го избра европскиот пат. Тоа е мнозинското мислење во српската политика. Но и во Германија често мислењето на политичарите се разликува од мислењето на граѓаните. И јас сум евроскептик, како најмалку 30 отсто од Германците. Како и милиони граѓани на ЕУ кои сметаат дека Европската Унија не треба да биде збир на територии, туку заедница на слободни нации“.
Српскиот вицепремиер смета дека „ЕУ има проблем со кредибилитетот“, дека луѓето на челото на Унијата „не се искрени во врска со проширувањето“ и истакнува дека „единаесет години чекаме ЕУ да го исполни ветувањето и да обезбеди нормални услови за живот за српската заедница на Косово“.
„Едноставно кажете ни: не ве сакаме. Зошто постојано ни поставувате услови кои не можеме да ги исполниме“, кажа Вулин и додаде: „ЕУ го гледаме како партнер, но не сме сигурни дека ЕУ нас нè гледа како партнер“.
На прашањето „дали судирот на Србија со ЕУ е пред сè околу правата и условите на српското малцинство во другите држави или околу условите кои ги поставува Брисел, како прекинување на блиските односи со Русија“, Вулин одговори:
„Секако околу двете. Кога Хрватска влезе во ЕУ, Србија можеше да ѝ стави пречка на тој пат. Можевме да поставиме услови во врска со српското малцинство. Србија не го направи тоа. Поради можноста за пристапување Србија не ги следеше барањата на српското малцинство во Хрватска. Ни вратија со тоа што Хрватска формираше коалициска влада без учество на Србите и без нивна поддршка. А Европската Унија молчи“.
На прашањето дали би можел да замисли вез во ЕУ под условот Србија да ја признае независноста на Косово, Вулин истакна дека за Србија „тоа е апсолутно неприфатливо“.
Дел од интервјуто е посветен и на претстојниот самит на БРИКС.
„Србија сигурно ќе присуствува во Казањ. Би било неодговорно да не ги истражиме сите опции, вклучувајќи и членство во БРИКС“, кажа Вулин и истакна: „Нема сомнеж дека БРИКС стана реална алтернатива на Европската Унија“.