среда, 26 март 2025

Вулин: Очекувам радикализација на протестите во наредните денови

Протестите во Србија би можеле да станат порадикални во наредните денови, изјави српскиот вицепремиер Александар Вулин за руската прорежимска новинска агенција ТАСС.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Прво, сакам да нагласам дека повеќето од луѓето што протестираат се патриоти кои ја сакаат Србија. Но, оние што ги водат се под контрола на Западот. Очекувам акциите да се радикализираат во наредните денови“, вели Вулин.

Тој исто така рече дека безбедносните сили на Србија се „доволно силни да ја заштитат земјата“.

„Очекувам и дека по формирањето на новата влада ситуацијата целосно ќе биде ставена под контрола“, додава тој.

Претходно Вулин за ТАСС изјави дека зад протестите во Србија стојат „американски заговорници против Доналд Трамп“ и неколку европски разузнавачки служби. Тој објасни дека овие сили сакаат да доведат на власт политичари кои „ќе спроведат сè што бара Западот, вклучително и санкции против Русија“.

Протестите во Србија траат повеќе од четири месеци по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, при што загинаа 16 лица.

Протестот беше инициран од студенти и се прошири во стотици градови и населени места низ земјата. Граѓаните бараат одговорност за трагедијата, транспарентна истрага и смена на одговорните, обвинувајќи ја владата за корупција и занемарување на безбедносните стандарди. И покрај падот на Владата и оставките на неколку функционери, меѓу кои и министерот за градежништво, протестите продолжуваат, а властите најавија истрага и кривично гонење на одговорните.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ