Тој студентските блокади и протестите против неговиот режим ги нарече „терор“.
„Месеци на терор, јас немам проблем да го наречам тоа со вистинското име. Не се плашам од блокадите и малтретирањето, бидејќи не сум јас надлежен, не можат да удрат на мене, па веројатно затоа ќе ги блокираат приватните телевизии, не знам само во која земја е тоа дозволено. Изложени сме на терор. Земјата покажа одредени слабости, но нападнати сме од надвор со обоена револуција. Прво имавме незадоволство, па гнев на политичките партии, а децата почнаа со блокадите, ја спроведуваат во дело обоената револуција“, оцени српскиот претседател.
Вучиќ потоа почна да објаснува како функционира „обоена револуција“, термин кој постојано го повторува за она што во последните месеци се случува во Србија.
Првата точка, кажа Вучиќ, се однесува на невладините организации кои некогаш беа слабо финансирани, а „сега добиваат милиони евра од странски донатори за субверзивни активности“. Втората точка се медиумските платформи кои „уживаат заштита на странските разузнавачки служби, а кои создаваат медиумски притисок“. Третата точка се актерите кои се обидуваат да го инфилтрираат изборниот процес, а четвртата точка се невладините организации и општинските одбори „кои со помош на криминални методи финансираат субверзии“. Како петта точка го наведе „црниот лебед“, односно злоупотребата на трагичен настан за почнување масовна пропаганда и лаги, „оправдувајќи ги лажните обвинувања против власта“.
Тој се осврна на обвинувањата за користење звучен топ на големиот протест во саботата.
„Ќе напишам книга која ќе се вика Како ја победив обоената револуција или Терор од до, ќе видиме само кога ќе биде готова. Немаше никаков звучен топ. Велат, па не е тоа лесно да се докаже, тој звучен топ е камион на кој се наоѓа тој звучен апарат, тоа барем некој морал да го сними. Не сте слепи, морал некој да го види тоа“, кажа Вучиќ.
„Ако е употребен звучен топ јас повеќе не сум претседател“, истакна тој.
Што се однесува до продолжувањето на студентските блокади и протести, кажа дека, според него, сè ќе биде готово до 15 април.
„Мојата проценка е дека е крај до 15 април. Најавата на политичките партии дека ќе се сретнат во следните два дена, дека ќе кажат дека сите политички партии се сложиле да влезат во власта, па да бараат од студентите да се спојат и да поддржат преодна влада. Тогаш тука ќе има превирања, бидејќи има и такви кои тоа не го сакаат, бидејќи со тоа се губи образот, честа. Ќе се обидат да направат собир кога ќе се состане собранието, па ќе се обидат да изберат влада. Тогаш ќе мора да формираат пленуми, собири, измислени тела, но со тоа ништо нема да се оствари. Нема крај на лудилото“, заклучи Вучиќ.