сабота, 27 јули 2024

Вучиќ: Во следните два месеци купуваме 12 нови авиони „рафал“

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави за време на дводневната посета на Париз дека во следните два месеци очекува потпишување на договор за купување 12 борбени авиони „рафал“ и дека на потпишувањето ќе присуствува и францускиот претседател Емануел Макрон.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Финансиските детали на потенцијалниот договор не се познати, но медиуми блиски до српската влада објавија проценки дека станува збор за околу 3,2 милијарди евра.

Посетата на Вучиќ помина со поддршка од официјален Париз на европскиот пат на Белград и потпишување билатерален меморандум за разбирање на српското и француското електростопанство со кој се создаваат услови за стратегиско партнерство во проценката за потенцијалот за развој на нуклеарна цивилна програма во Србија и енергетска транзиција.

Меѓу темите на Вучиќ и Макрон беа и разговори за воено-техничка соработка, но и за дијалогот со Косово.

Американската новинска агенција Асошиејтед прес објави дека Србија е „блиску до потпишување на договор за купување 12 француски повеќенаменски борбени авиони рафал“, оценувајќи дека тоа би „означило оддалечување од традиционалниот снабдувач со оружје Русија“.

Според АП, Србија размислува за купување нови авиони повеќе од две години, откако Хрватска купи 12 половни авиони од истиот тип за околу милијарда евра.

„Брзото вооружување на српската војска загрижува некои од нејзините соседи по крвавиот распад на Југославија во 1990-те“, пишува АП, потсетувајќи дека Србија е кандидат за членство во ЕУ, а повеќето држави со кои граничи се во НАТО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ