„Не смееме да направиме ниту една грешка, да нема конфликти и да не интервенираме. Ако сакаат да учат – нека учат, ако не сакаат – нека не учат“, изјави Вучиќ на седницата на Владата на Србија, на која присуствуваше на покана на премиерот Милош Вучевиќ.
На членовите на Владата им порача „само мирно“ да работат и додаде дека се исполнети сите барања на студентскиот протест.
Вучиќ денеска не се согласи со вчерашниот став на Вучевиќ за просветните работници, туку им порача на министрите наместо дисциплински мерки да иницираат разговори со просветните работници.
„Мнозинството ќе разбере кога ќе им испратите добра порака и ќе покажете дека се грижите за нивните интереси и плати“, изјави Вучиќ.
„Најлесно е да се применат дисциплински мерки, некои од овие луѓе се политички обоени, но тоа е помал дел“, изјави претседателот.
Вучевиќ претходно се закани дека просветните работници ќе бидат отпуштени доколку инсистираат на штрајк во втората половина од годинава, по 20 јануари.
Им порача по Божиќните празници да започнат разговори со просветните работници и да ја известат јавноста што прифатиле од барањата.
Тој тврди дека неодамна разговарал со просветните работници, но дека „неверојатно е како пораснале барањата во рок од 24 часа, бидејќи некои од нив како политички активисти мислеле дека ова е револуција и дека победиле“.