„Разговаравме за важните прашања на билатералната соработка на Србија и САД, особено во областа на енергетиката“, напиша Вучиќ на Инстаграм. Според него, „посебна тема биле санкциите“.
„Целосните детали ќе можам да ги откријам во рок од неколку дена“, најави Вучиќ со забелешка дека „секако нема многу убави вести за граѓаните на Србија“, но дека „Србија ќе ја зачува својата стабилност и енергетска безбедност“.
Најавувајќи го вечерашниот разговор, Вучиќ за телевизија Пинк кажа дека му било спомнато дека „една од темите ќе биде Нафтената индустрија на Србија (НИС)“.
Вучиќ на крајот на минатата година кажа дека, според информациите кои ги има за НИС, кој е во мнозинска руска сопственост, претстојат американски санкции.
Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил во разговор за српски Блиц во вторникот кажа дека не сака да шпекулира за санкции, но укажа дека САД се загрижени што НИС, најважната рафинерија во Србија, им е продадена на Русите, и дека тоа прашање внимателно се разгледува.
Тој истакна дека е најважно што тоа не е насочено против Србија, „а ни против српската економија“.
„Тоа е обид на Русија да ѝ се ускрати способноста да води војна во Украина користејќи српски пари. Ќе видиме како тоа ќе се одвива. Ве уверувам дека го разгледуваме многу внимателно за да не ѝ направиме проблеми на српската економија“, кажа Хил.
Американскиот амбасадор кажа дека Србија долго одржувала независна, „некои и би кажале нееднаква надворешна политика која испраќа збунувачка порака“, но дека е задоволен што Србија развила однос со Украина и имала важен дел во помагањето на Украина на повеќе начини, вклучувајќи го најважниот, хуманитарниот.