петок, 21 март 2025

Вучиќ: Хрватска, Албанија и Косово отворија трка во вооружување во регионот (ВИДЕО)

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа во Брисел, по средбата со генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека Хрватска, Албанија и Косово отвориле трка во вооружување во регионот откако го прекршија субрегионалниот договор од 1996 година со потпишување на меморандум за соработка во одбраната во вторникот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во врска со изјавата на хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ дека Хрватска може да потпишува договори со кого сака и дека одамна поминало времето кога го прашувала Белград што ќе прави, Вучиќ на новинарите од Србија кои го придружуваа на неговото патување им рече дека требало да ѝ кажат на Србија „дека ги раскинале потпишаните договори и дека веќе нема субрегионална контрола во вооружувањето“.

„Тие отворија трка во вооружување во регионот. Ова е тешка ситуација за нас, но ја разбравме нивната порака и ќе ја сочуваме нашата земја и секогаш успешно ќе ја браниме од секој потенцијален агресор, дури и од ваков моќен“, рече Вучиќ, наведувајќи дека темата ја покренал на средбата со Руте.

Тој изјави дека е „речиси убеден оти НАТО не бил информиран дека Хрватска, Албанија и Косово го прекршиле субрегионалниот договор од 1996 година“ со потпишување на вчерашниот трилатерален меморандум за одбранбена соработка.

„Ова е прекршување на субрегионалниот договор за контрола на вооружувањето од 1996 година, но од реакциите од Хрватска и другите делови од регионот видовме дека тие не се многу заинтересирани за тоа. Речиси сум убеден дека НАТО не бил ниту информиран и дека дури не им било кажано кои договори се прекршени, но мислам дека ни Приштина, ни Загреб ни Тирана не се загрижени за тоа“, додаде Вучиќ.

Вучиќ рече дека на Србија е „да ја разбере реалноста“ и „соодветно да се подготви за иднината“, наведувајќи дека Белград „ја разбрал пораката“.

Анушиќ денеска изјави дека „одамна помина времето кога Хрватска го прашуваше Белград што ќе прави и како ќе функционира“, откако српското Министерство за надворешни работи најави дека ќе побара детално објаснување од министерствата за надворешни работи на Хрватска и Албанија за потпишувањето на меморандумот за одбранбена соработка со Косово.

Во врска со вечерашната средба со Руте, Вучиќ рече дека НАТО „покажа голема почит“ кон Србија и дека тоа е „успешен ден за Србија во Брисел“.

„Два часа и 40 минути траеше средбата во четири очи (со Руте) и вечерата со делегацијата. Разговаравме за сите важни прашања – билатералната соработка, ситуацијата на Косово и Метохија, односите меѓу војската на Србија и КФОР, ситуацијата во Босна и Херцеговина, со главна цел зачувување на мирот и стабилноста во регионот“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека тоа се „клучни работи, од пресудно значење“ за Србија и дека „од разбирливи причини не може да зборува за сите детали“.

„Ќе ги продолжиме разговорите, ќе бидеме во постојан контакт за зачувување на мирот и стабилноста и просторот без конфликт на Западен Балкан. Ова е од огромен интерес за нас, но би рекол и за НАТО“, рече Вучиќ.

По средбата со Руте, Вучиќ на Инстаграм напиша дека е „уверен во уште подобра соработка меѓу Србија и НАТО во иднина“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ