„Објективната и непристрасна ЦРТА ѝ соопшти на јавноста дека огромно мнозинство граѓани се за моја смена. Нема покредибилен извор, ниту за меѓународната заедница, ниту за политичките партии во Србија, од таа невладина организација.
Се борев за народот и народот е моја сила. Доколку се точни овие изјави на ЦРТА, невозможно е да останам на функцијата претседател на Србија и затоа е потребно опозициските партии да поднесат само 67 потписи, а ги имаат над 80, за да одржат советодавен референдум за претседателот на Србија“, порача Вучиќ на својот Инстаграм профил.
View this post on Instagram
Вучиќ рече дека легитимноста е најважна работа во политиката, а суверенитетот секогаш произлегува од волјата на народот.
„Мислам дека понудата е повеќе од фер, а исто така е добро сите во оваа земја да престанат да се преправаат дека им е грижа за некои градежни свески и конечно работите да ги ставивме на свое место. Спротивно на популарното верување, никогаш власта како таква не ме интересирала, ме интересира само напредокот на Србија. Србија не смее да запре. Да живее Србија“, рече Вучиќ.
Резултатите од последното истражување на јавното мислење на ЦРТА велат дека дури 61 отсто од граѓаните на Србија ги поддржуваат студентските протести и блокади кои следеа по падот на настрешницата во Нови Сад.
„Оние кои не ги поддржуваат протестите се претежно постари или граѓани со основно образование“, вели Воислав Михаиловиќ, раководител на истражувањата на ЦРТА, пренесува Нова.рс.
Мнозинството српски граѓани (48 отсто) сметаат дека политичката одговорност за падот на настрешницата треба да ја сносат надлежните министри, а дури потоа претседателот (39 отсто).
ЦРТА (Центар за истражување, транспарентност и одговорност) е невладина организација во Србија посветена на зајакнувањето на демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права. Основана е со цел да се подобри политичката одговорност, транспарентноста и ангажираноста на граѓаните во политичките процеси.