сабота, 27 јули 2024

Вучиќ за Си-ен-ен: Признавањето на независноста на Косово повеќе не е тема, Србија е задоволна од ставот на САД

Објавено на

часот

Сподели

Не прашањето што треба да се случи за Србија да ја признае независноста на Косово, Вучиќ кажа дека „тоа повеќе не е прашање, бидејќи во француско-германскиот план се зборува за процесот на нормализација како предуслов за идниот напредок на Србија на европскиот пат, што важи и за Приштина“.

На прашањето дали го признава Косово како независна и суверена држава, Вучиќ кажа дека Србија „ја признава Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 на ОН“, но дека секогаш е спремна да разговара „за сите компромисни решенија“.

„Секогаш сме спремни за тоа. вистинското прашање е зошто некој се обидува да ја ескалира ситуацијата“, кажа Вучиќ.

Наведе дека Србија е многу задоволна од изјавите на државниот секретар на САД Ентони Блинкен и францускиот претседател Емануел Макрон за најновата криза на Косово, кои за ескалацијата ја обвинија владата во Приштина.

„Многу сме задоволни од неодамнешните изјави на државниот секретар Блинкен, веруваме дека Макрон даде многу точна изјава. Тие ги кажаа нештата кои ја претставуваат суштината на она што се случува на северот на Косово“, кажа Вучиќ.

„Ние целосно се придржуваме до Кумановскиот договор кој го постигнавме со НАТО (во 1999 година) и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Ниеден наш војник не влегол на територијата на Косово, го почитуваме секој меѓународен пропис“, кажа српскиот претседател.

Еден ден откако за Си-ен-ен зборуваше косовскиот премиер Аљбин Курти, Вучиќ се осврна на неговото спомнување на неприменувањето на претходно постигнатите договори во бриселскиот дијалог.

„Србите применија сè од првиот договор од април 2013 година. Приштина имаше само една обврска, да ја формира Заедницата на српски општини (ЗСО) и тоа сè уште не го направија и не сакаат да го направат, а е дел и од новите договори“, кажа тој.

Додаде дека Курти 97 отсто од луѓето на северот на Косово ги нарекува „припадници на фашистичка милиција, криминални банди, ултранационалисти, поткупени и уценети луѓе“ и го критикуваше ставот дека се легални и легитимни изборите на кои излегоа 3,4 отсто од населението, како на априлските локални избори на северот на Косово.

Вучиќ истакна дека од доаѓањето на Курти на власт имало 353 етнички мотивирани напади и додаде дека тоа е „најголемиот број напади на Србите во една година“ од 2008 кога Косово еднострано прогласи независност.

На прашањето што ќе им порача на демонстрантите на северот на Косово, Вучиќ кажа дека е клучно да се задржат мирот и стабилноста.

„Знам дека се многу решителни на мирен начин да се борат за своите основни права, тие само сакаат да преживеат на своето огниште, да ја задржат својата вера. Мојата молба до нив е да го прават тоа мирно и да ги чуваат мирот и стабилноста за сите нас. Мораме да разговараме со Албанците, мораме да постигнеме договори кои ќе бидат применети во иднината“, кажа тој.

Вучиќ ги повика претставниците на меѓународната заедница „да преземат решителна акција кон сите оние кои се тврдоглави, кои ја ескалираат ситуацијата и кои ги загрозуваат мирот и стабилноста на сите“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ