сабота, 27 јули 2024

Вучиќ: Нема да го екстрадираме Радоичиќ (ВИДЕО)

Белград не го признава Косово и не може во Приштина да го екстрадира лицето одговорно за организирање паравоена група на северот на Косово, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ за Скај њуз, негирајќи дека има улога во неодамнешното насилство.

Објавено на

часот

Сподели

Во вчерашното интервју за Скај њуз, Вучиќ за тврдењата на Приштина дека Белград наводно ја планирал акцијата на паравоената група во селото Бањска на северот на Косово рече дека „секогаш е полесно да се обвини Белград“.

„Кој ќе поверува дека всушност е нешто поразлично, речиси никој“, рече Вучиќ, инсистирајќи дека и Косовската полиција (КП) користи оружје произведено во Србија, но дека Србија не им го продала.

„Тие момци кои ги бркаа Србите и кои се од Косовската полиција, носеа АК произведени овде во Крагуевац“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател е убеден дека лесно се наоѓа оружје и тоа не само на црниот пазар.

„Народот секогаш ќе ги поддржува луѓето кои сакаат да се одбранат, бидејќи од наша гледна точка, од гледна точка на Србите, тоа е дел од Србија, според нашиот Устав, тоа е поинаков агол што треба да го согледате. Затоа велам дека не е нешто што е дозволено, но велам дека не е толку тешко“, изјави Вучиќ.

Тој за Скај њуз зборуваше за Милан Радоичиќ, кого приштинските власти го означија како водач на „терористичка група“, а кој од властите во Србија е обвинет за неколку кривични дела во врска со настаните во Бањска.

Српските правосудни органи го обвинуваат Радоичиќ дека од јануари набавувал оружје, муниција и експлозивни средства од Тузла, ги доставувал на територијата на Белград, а потоа ги складирал на територијата на Косово. Во меѓувреме, од Босна и Херцеговина негираа дека оружјето е од Тузла.

Сега претседателот на Србија изнесува нови детали повикувајќи се на изјавата на Радоичиќ.

„Човекот кој беше сослушан во предистражната постапка рече дека купил нешто во Србија, нешто во Хрватска, нешто во БиХ, ајде сега да го провериме тоа“, рече тој.

Вучиќ потврдно одговори на прашањето дали Радоичиќ е негов близок соработник.

„Нема сомнеж, тој беше потпретседател на Српска листа“, рече тој.

Сепак, не може да каже дека му бил пријател.

„Тој беше обвинет. Тоа беше големо, огромно кривично дело“, нагласи Вучиќ.

На прашањето зошто не го екстрадира Радоичиќ во Приштина, Вучиќ одговори со прашање: „Се шегувате или што?“

„Ве прашувам затоа што знаете дека не можеме никого да испорачаме во Приштина, бидејќи не го признаваме Косово како држава“, рече Вучиќ.

Тој повторува дека се работи за тешко кривично дело, додавајќи: „Имаше илјадници тешки кривични дела и иако сме членка на ОН, тие не екстрадираа никого во Белград“.

Поранешниот потпретседател на Српската листа (СЛ), водечката партија на косовските Срби, Милан Радоичиќ, ја презеде одговорноста за организирање паравоена група на северот на Косово која се судри со косовската полиција (КП), што заврши со смртта на еден полицаец и тројца Срби во село Бањска. По конфликтот, Радоичиќ поднесе оставка од функцијата во СЛ и негираше какво било учество на српската држава во нападот и конфликтот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ