среда, 25 декември 2024

Вучиќ: Ќе се повлечам ако СНС ги изгуби изборите, не сакам да ја делам власта со опозицијата

Финишот на предизборната кампања во Србија неделава го одбележа пораката на српскиот претседател Александар Вучиќ дека, ако изгуби владејачката Српска напредна партија (СНС), ќе се повлече од позицијата шеф на државата бидејќи не сака да биде на власт со опозицијата.

Објавено на

часот

Сподели

Предвремените парламентарни избори, веќе вообичаени во текот на децениската власт на СНС, се распишани за 17 декември, кога ќе се бираат и пратеници во собранието на Војводина, и во собранијата на 65 општини и градови, меѓу кои е и Белград.

Вучиќ од самиот почеток на кампањата отворено ја промовира листата на Српската напредна партија со назив „Александар Вучиќ – Србија не смее да сопре“, на која за изборите ѝ го „позајми“ своето име, откако во мај формално се повлече од челото на СНС.

„Ако листата на СНС ги изгуби парламентарните избори, следната година ќе бидат распишани претседателски избори, кога новата власт тоа ќе го сака, во мај или септември“, кажа Вучиќ за телевизијата Хепи.

Порача дека нема да „учествува во власт без легитимитет“, потсетувајќи дека вториот претседателски мандат го доби со околу 2,3 милиони гласови.

„Ако народот сака промена на власта, за точно шест дена ќе бидам првиот кој ќе ѝ честита на опозицијата и ќе кажам: „Јас не сакам заедно со вас да владеам“, кажа Вучиќ, обвинувајќи ја опозицијата дека не ѝ мисли добро на Србија. „Знам дека ќе ја урнете земјата, знам какви капацитети, какви соништа имате, а какви немате“, додаде тој.

Резултатот на телефонска анкета на примерок од 1.000 учесници, спроведена од порталот Нова српска политичка мисла, покажува дека СНС има значителна предност бидејќи за нивната листа би гласале 39,8 отсто од гласачите, а за најсилната и најбројна опозициска коалиција „Србија против насилството“ 25,6 отсто.

Коалициските партнери на СНС, социјалистите на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ и нивните партнери од Единствена Србија би можеле да сметаат на 8,9 отсто.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ