петок, 18 октомври 2024

Вучиќ ги отфрли барањата за странска истрага за изборни нерегуларности

Српскиот претседател Александар Вучиќ го отфрли барањето на опозицијата за меѓународна истрага за наводните изборни нерегуларности, наведувајќи дека изборите во Србија се „прашање на државните институции“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Граѓаните во Србија протестираат од 18 декември по повик од најсилната опозициска коалиција „Србија против насилството“, која бара поништување на изборите со тврдење дека имало изборна кражба. Владата го демантираше ова, а извештаите од домашни и меѓународни набљудувачи укажуваа дека има изборни нерегуларности.

Вучиќ рече дека изминатите избори во Србија се одржале со „никогаш помалку приговори“ и дека претставниците на партиите од листата „Србија против насилството“ ги потпишале „сите записници“ на избирачките места.

„Странските набљудувачи од нивните сестрински партии го потпишаа записникот. Се сетија дека имаат проблем кога видоа дека загубија во Белград, и тоа убедливо. Во јули-август загубивме дури осум отсто во Белград, но успеавме да победиме. Тоа се драматични промени, а тие Гонзалеси и другите чуда се бескорисни“, изјави Вучиќ по посетата на градилиштето на тунелот Иришки вијенац на Фрушкогорскиот коридор кај Нови Сад.

Тој оцени дека опозицијата водела кампања под слоганот „Го мразам Вучиќ“.

„Имате хомогенизирано јадро на луѓе што ме мразат, но тоа не носи нови гласови, таквата кампања ги одзема гласовите на обичните луѓе“, рече Вучиќ.

Коментирајќи ги оценките на странските медиуми дека на Србија ѝ е потребна „нова опозиција“, Вучиќ рече дека не го интересира кој однадвор сака поинаква влада и опозиција во Србија.

„Не ми е гајле што велат странските медиуми и влади, нека се занимаваат со себе и со своите проблеми, а некои имаат повеќе проблеми од нас. Какви ќе бидат владата и опозицијата во Србија, за тоа се прашуваат граѓаните на Србија“, рече Вучиќ.

Вучиќ рече и дека очекува во текот на годината дополнително да се зголемат платите и пензиите доколку, како што рече, се остварат проекциите за стапката на раст на БДП од 3,5 отсто.

„Очекувам, да не речам дека е цврсто ветување, дека ќе има дополнителни покачувања на платите и пензиите во текот на годината доколку ја одржиме предвидената стапка на раст што ја предвидуваме и ние и ММФ. Ако е 3,5 проценти, немаме проблем значително да се зголемат платите и пензиите“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека се размислува за дополнителни државни стимулативни мерки за раѓање деца со што сегашната стапка на природен прираст од 1,63 би се кренала на 1,75.

„Ние сме во многу лоша позиција во однос на природниот прираст, но сме помалку лоши од другите во регионот. Мораме да ја зголемиме стапката на плодност ако сакаме Србија да опстане. Затоа размислуваме како дополнително да ги наградиме мајките со четири или повеќе деца“, рече српскиот претседател.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ