петок, 14 јуни 2024

Втор ден работниците на Еуроникел со протест ја бараат платата и фабриката да не се затвора

На вториот ден од протестот пред  Еуроникел индустри во Кавадарци, вработените ги повторија барањата да се обезбедат пари за плата, за руда и струја за комбинатот, а печката на фабриката да не се гаси. Од Синдикалната организација нагласија дека неработењето на овој објект, поранешно Фени, удира по животниот стандард на населението, бидејќи, како што рекоа, од фабриката директно се хранат околу 800 семејства, а индиректно илјадници, бидејќи за гигантот работат бројни транспортери. 

Објавено на

часот

Сподели

„Преку мирен протест пред фабриката бараме да се стави крај на оваа преголема неизвесност за нас вработените. Незадоволни и револтирани, стравуваме од најлошото сценарио. Го немаме земено вториот дел од платата за септември. Незамисливо е да не се работи, во услови кога цената на никелот на берзата е многу подобра сега, отколку во изминатиот период. Нема доволно репроматеријали за работа на единствената печка што во изминатите неколку месеци работи со намален капацитет, во фаза е на топло одржување“, рече Миле Ѓорѓиев, претседател на Синдикатот. 

Тој додаде дека бараат да се обезбедат финансиски средства за тековно одржување на фабриката и да не се дозволи најавеното исклучување на печката во фабриката. 

„Како што беше кажано на протестот,  ако треба и со жив штит ќе го браниме комбинатот. Не е важно кој ќе биде сопственик на овој индустриски капацитет, најважно е да работиме и да земаме плата. Бидејќи, неработењето на Фени веднаш ќе се почувствува и во дуќаните во Кавадарци со намален промет. Засега немаме одговор на нашите барања, од страна на директорот Димитриос Пахос, претставник на газдите ГСОЛ, кој денеска, како и вчера, не дојде на работа“, подвлече Ѓорѓиев.

Тој појасни дека сакаат да го свртат вниманието на раководството и на јавноста за нивните проблеми. 

„Имаме сознанија дека даден е налог од раководството да се изгаси печката. Ако се изгаси печката, тоа според нас ќе значи крај на фабриката, бидејќи потоа, според нашите информации, ќе треба долго време и многу пари повторно да се стави фабриката во функција. Фабрика значајна за Кавадарци, но и за државата“, рече Ѓорѓиев.

Тој потсети дека проблемите се појавиле минатата година, откако цената на струјата сериозно порасна, цената на производот почна драстично да паѓа, што предизвика проблеми во работењето. 

Незадоволните вработени добија поддршка од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство СИЕР. Претседателот на СИЕР, Игор Герасов нагласи дека фабриката е значаен економски субјект во државата и дека изминатите месеци интензивно имале преговори со менаџментот. Герасов потсети дека пред три месеци беа организирани мирни протести пред фабриката без нарушување на работниот процес, со цел изнаоѓање подобра ситуација за вработените. Тој подвлече дека како Синдикат нека да дозволат да застане оваа компанија, бидејќи,  како што рече, станува збор за еден од најголемите гиганти со околу 800 вработени и можеби уште толку надворешни соработници. 

Поддршка за вработените дадоа и транспортери што работат за фабриката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ