сабота, 27 јули 2024
Вежба „Хуманитарен одговор 2023“

Врисоци, раскрвавени лица и сирени на „Илинденска“, симулациски земјотрес ги крена институциите на нозе (ВИДЕО)

Часот е 9,00, а датумот 18 октомври 2023 година. На булеварот Илинденска во Скопје е мирно, а поголем дел од улиците се затворени. Паркирани се полициски возила, возила на Итната медицинска помош, поставени се шатори, а и мртовечница… Силна експлозија и врисоци ја прекинуваат тишината која одеднаш се претвора во сцена од хорор филм. Крвави лица и повици за помош на сите страни по разорен земјотрес, кој за среќа денес не се случи, но во Скопје се вежбаше подготвеност на институциите.  

Објавено на

часот

Сподели

Вежбата почна со најава дека сите подготовки се завршени, по што следеше силна експлозија по која од хотелот Сити парк и објектот до него излегуваше бел и розов чад. Внатре во хотелот се слушаа врисоци и повици за помош поради настанат пожар по што веднаш се вклучија и сирените на полицијата и Противпожарната бригада. Куќата до хотелот е разурната.

Средношколци обоени со црни лица, раскрвавени, задушени и преплашени бараа помош од внатрешноста на хотелот каде интервенираат екипи на Противпожарната бригада.

„Земјотрес со јачина од 6,1 степен по Рихтер на 18 октомври 2023 во 9 часот го погоди Скопје, а епицентарот е на подрачјето на општините Карпош и Центар. Катастрофалниот земјотрес предизвика прекини во електричната енергија, огромни материјални штети. За жал има и човечки загуби, односно околу 400 починати, околу 2.000 повредени, а повеќе од 10.000 лица имаат потреба од засолниште поради уништените домови“, е сценариото поради кое денес се случуваше вежбата „Хуманитарен одговор 2023“.

Полициски службеници, припадници на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ деч качени во хеликоптер, дел распоредени на копно, лекари, пожарникари, припадници на „Црвениот крст“, граѓани… беа дел од вежбата која денес го привлече внимането на граѓаните, но и затвори дел од булаварите низ Скопје.

Околу 500 лица и над 40 возила учествуваа во „Хуманитарен одговор 2023“ каде институциите покажаа како треба да се справат во случај на катастрофален земјотрес.

Се спасуваа трудници, раскрвавени и повредени граѓани, бебиња… а со хеликоптер се извлекуваше и повреден граѓанин на покривот на хотелот „Сити парк“. Со јаже на кое се спушти припадник од САЕ „Тигар“ беше спасен повредениот и качен во хеликоптерот.

Но, акцијата на специјалната единица на МВР не заврши тука, туку од воздух се дејствуваше и кај јужната трибина на Градскиот парк каде беше спасен друг повреден качен на носилка. И двете лица кои беа дел од вежбата која опфаќаше акција и од височина, беа транспортирани во болницата „8 Септември“.

Низ „Илинденска“ трчаа раскрвавени лица, се слушаа пискотници, сирени, имаше поставено тријажни центри, а постојано трчаа и луѓе во лекарска или во униформа на Црвен крст кој на носилки качуваа повредени. Се мотаа завои, се санираа повреди, се бришеше крв, се реагираше на сите страни…

Повиците за помош не застануваа, а учесниците во оваа вежба се чинеше како навистина да чувствуваат болка, иако беше симулација.

Ако сте граѓанин до кој денес не успеала да стаса информацијата дека овде има вежба, тогаш ќе ви проработи стравот и паниката дека нешто големо навистина се случува.

За среќа денес се работеше само за вежба во која институциите покажаа како треба да се мобилизираат и да дејствуваат ако е потребно во случај на поголем катастрофален земјотрес.

„Помогнете ми, не сакам да го изгубам бебето“, викаше бремена жена чија облека од бела беше обоена во црвено за да покаже крвавење. Врисоци се слушаа и од помлади лица кои трчаа избезумени и повредени, а и од повозрасни кои си ги бараа своите семејства.

Нивното учество во вежбата и трудот кој го вложија за да покажат како изгледа стравот, болката и паниката во вакви трагедии беа толку реални што за миг заборавате дека се работи за вежба.

Се спасуваше и од срушен мост на Вардар во Близина на болницата Систина каде се транспортираа две повредени лица преку реката до Болницата. Медицински тим ги прифати повредените кои лежеа на патеката до реката целите во крв. Едно од лицата е починато и се носи во мртовечницата на Министерството за здравства направена на терен.

Претседателот Стево Пендаровски по успешно завршената вежба рече дека е импресиониран од интервенцијата и подготвеноста на институциите, и посака вакви активности никогаш да не се случат во реалниот живот. Но, како што рече и да се случат граѓаните можат да бидат сигурни дека институциите се подготвени да се мобилизираат и да реагираат.

„Не помалку значајна за квалитетен одговор на кризните ситуации е меѓународната соработка, односно поддршката, пред се од нашите сојузници, партнери и соседи. Сето ова дава дополнителна сигурност кај нашите граѓани и увереност дека во случај на потреба, меѓународната солидарност нема да изостане“, рече Пендаровски. 

Генералниот секретар на Црвен крст на Македонија, Саит Саити, посочи дека кризите и катастрофите кои се дел од нашето секојдневие, во регионот и пошироко, наложуваат постојана инвестиција во градење на одржливи капацитети за подготвеност.

„Земјотресите, пожарите, поплавите, епидемиите, миграциите, бегалците, како и другите хуманитарни предизвици ни наложуваат постојано да инвестираме во она што го можеме и го правиме најдобро, со цел да додадеме заеднички придонес во градење на одржливи капацитети за подготвеност, ефективен одговор и опоравување од катастрофи со примарна цел да обезбедиме поддршка за погоденото население при катастрофи или хуманитарни кризи“, рече тој.

Учесници на вежбата беа Црвениот Крст, Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата, Итна медицинска помош – тријажен центар и укажување на прва помош.

Во вежбата учествуваа Министерство за труд и социјална политика, Македонска радио телевизија – медиумско информирање за кризната состојба, Противпожарната територијална единица, Комора на психолози, Агенција за храна и ветерина, Црвениот крст на град Скопје.

Покрај нив, учесници се и општински организации на Црвениот крст, Тимови на Национални друштва од регионот (Хрватска, Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Германија), претставници од универзитетите во Северна Македонија (УКИМ, УГД, УКЛО), независни експерти од областа и различни тела од Системот за управување со кризи (СУК), на локално и регионално рамниште.

Денес во Скопје крвта на лицата и телата на повредените беше боја која откако ќе се тргне нема да остави никакви последици, последици нема ниту откако ќе го одмотаат завојот од екстремитетите и главите, а болката и врисоците ќе останат во сеќавање и на учесниците и на оние кои ја гледаа вежбата. 

Сите денес имаме само една мисла, никогаш во реалноста да не ни се случи ваков разорен земјотрес во кој институциите ќе треба да реагираа можеби како денес. 

Бидејќи, реалноста е многу поинаква кога адреналинот го оживува реална болка и вистински реален настан кој се надеваме дека никогаш нема да ни се случи. 

                                                                                                                 К. Додевска 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ