четврток, 4 јули 2024

Врховниот суд на САД ја префрли одлуката за имунитетот на Трамп на пониските судови

Врховниот суд на САД денеска пресуди дека поранешните американски претседатели уживаат апсолутен имунитет за она што го правеле на функцијата и немаат имунитет за она што го правеле надвор од функцијата.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Сепак, највисоката судска инстанца остави на пониските судови да утврдат како тоа ќе влијае на случајот на обвинетиот поранешен претседател Доналд Трамп, фаворит за ноемвриските избори.

Оваа значајна одлука носи ново одложување на кривичната постапка против Трамп, кој беше обвинет од специјалниот советник Џек Смит за заговор за напад на Капитол во 2021 година со цел да ги смени резултатите од претседателските избори во 2020 година во негова корист, кои ги загуби од Џозеф Бајден.

Според Асошиејтед прес, речиси целосно исчезнале шансите судењето на Трамп да започне пред ноемвриските избори, каде што тој речиси сигурно ќе биде претседателски кандидат на опозициската Републиканска партија на САД.

Судиите, со мнозинство од 6:3, првпат јасно ставија до знаење кога поранешен претседател ужива имунитет, а кога не, но им наложија на пониските судови сами да утврдат како таа одлука треба да се примени во случајот на Трамп.

Трамп, кој никогаш не ги призна резултатите од изборите во 2020 година, бидејќи верува дека биле наместени, тврди дека не направил ништо лошо и дека сите четири кривични постапки против него се политички мотивирани за да го спречат да се врати во Белата куќа.

Во мај оваа година, Трамп стана првиот поранешен претседател на САД кој беше осуден за кривично дело – пред суд во државата Њујорк. Тој се соочува со уште три случаи, од кои два се на федерално ниво предводени од обвинителот Џек Смит – еден за обид за поништување на изборните резултати, а другиот за незаконско ракување со доверливи документи.

Доколку Трамп не стане повторно претседател во ноември, можно е наскоро да биде изведен пред суд, но доколку победи, може да назначи свој државен обвинител кој ќе ја заврши постапката пред федералните судови, а постои можност Трамп како претседател да се помилува себеси – освен во случајот Њујорк, каде што тој веќе е осуден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ