сабота, 27 јули 2024

Врховниот суд го блокираше предизборното ветување на Бајден за простување на студентските кредити

Објавено на

часот

Сподели

Судиите во однос шест спрема три пресудија во корист на шесте конзервативно ориентирани сојузни држави кои ѝ се спротивставија на политиката на Бајден.

Оваа одлука исто така им наштети на 26-те милиони Американци што се пријавија за простување на долгот откако Бајден го најави својот план во август 2022 година и претставува политички застој за демократскиот претседател.

Арканзас, Ајова, Канзас, Мисури, Небраска и Јужна Каролина го оспорија отпишувањето на долгот, а двајца приматели на заемот се противеа на условите за негово простување. Судот ја донесе одлуката во последниот ден на своето заседавање, кое почна во октомври.

Дваесет и шест милиони американски приматели на студентски заем се пријавија за простување на долгот меѓу август 2022 година, кога Бајден го најави својот план, и минатиот ноември, кога пониските судови го оспорија.

Планот на Бајден требаше да го исполни неговото предизборно ветување од 2020 година дека ќе отпише дел од сојузниот студентски кредит кој изнесува 1,6 милијарди долари. Планот го критикуваа републиканците, кои го нарекоа пречекорување на претседателските овластувања и неправедна поволност за високообразованите приматели на заемот, додека на другите не им бил овозможен ист вид помош.

Бајден се надева дека повторно ќе биде избран на претседателските избори идната година. Според планот, американската влада би простила до 10.000 долари долг за Американците што заработуваат помалку од 125.000 долари и кои се задолжиле за да го платат образованието по средното училиште и до 20.000 долари за добитниците на стипендијата Пел за студентите од семејства со пониски примања. Пресудата е донесена еден ден откако Врховниот суд практично ја забрани политиката на позитивна дискриминација на американските факултети, чија цел било да се зголеми бројот на Афроамериканци, Јужноамериканци и други застапени малцинства на студентските кампуси. Бајден вчера рече дека судот, со своето конзервативно мнозинство, е установа што го изгуби допирот со темелните вредности на земјата.

Администрацијата на Бајден за време на судската постапка во февруари кажа дека планот е одобрен според сојузниот закон од 2003 година, кој на американскиот министер за образование му овозможува да „ја прости или приспособи“ финансиската помош за студентите за време на војна или исклучителни околности.

Околу 53 отсто Американци кажаа дека го поддржуваат простувањето на долгот на Бајден, додека му се спротивставиле 45 отсто, според анкетата на Ројтерс и на Ипсос од март, при што учесниците се строго поделени според партиските афинитети, односно демократите главно биле за, а републиканците против.

Во првите реакции Бајден одлуката на Врховниот суд на САД, со која е блокиран неговиот план да го откаже долгот на студентскиот кредит во износ од 430 милијарди долари ја нарече разочарувачка и погрешна и кажа дека ќе работи на пронаоѓање други начини за давање помош на американските семејства.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ