сабота, 27 јули 2024
Одбиени барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда

Врховниот суд ги потврди затворските казни на Чавков, Југ, Ченто, Лазаров, Нинџа… за „27 април“

Објавено на

часот

Сподели

„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда Квп.Кок2. Квп бр.14/22 со која барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК.бр.40/18 од 15.03.2019 година и на пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ.бр.39/19 од 12.02.2021 година, ги одби како неосновани“, стои во соопштението од Врховен. 

Во почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа учесници во упадот во парламентот, а некои и во нападите врз пратениците на актуелната власт.

Но по донесувањето на Законот за амнестија помилувани беа 15 лица, а за еден обвинет, односно за Сашо Марковски, поради болест постапката беше одвоена.

Затворските казни од првостепениот суд беа следни: Митко Чавков, осуден на казна затвор од 18 години, Митко Пешов на 18 години, Душко Лазаров 15 години, Горан Ѓошевски Леви 13 години, Оливер Поповски 13 години, Оливер Радулов 10 години, Мунир Пепиќ 15 години, Абдуљфета Алими 7 години, Младен Додевски 12 години, Јане Ченто 15 години, Горанче Анѓеловски 12 години, Игор Југ 12 години, Виктор Трајковски 15 години, Вилијам Михајловски 14 години, Никола Митровски Кољо 15 години и Александар Валисевски Нинџа 8 години.

Апелацискиот суд Скопје за овој предмет прифати дел од жалбите и им ги намали затворските казни на дел од осудените.

Според одлуката на второстепениот суд Чавков доби пресуда од 16 години затвор, Пешов од 13 години, Лазаров 13, Ѓошевски 13 години, Поповски 11 години, Радулов 9 години, Пепиќ 13, Алими 6, Додевски 11, Ченто 13 години, Анѓеловски затвор од 12 години, Југ 11 години, Трајковски 14, Кољо 14 и Нинџа 7 години.

Собраниското мнозинство во март годинава не го прифати предлогот по скратена постапка да се донесе предлог-закон за амнестија на лицата осудени за настаните во Собранието на 27 април 2017. Предлогот беше поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, по иницијатива на адвокатите Јанаки Митревски и Драган Пешевски. 40 пратеници беа за предлогот, 58 гласаа против, а еден беше воздржан.

Со 95 гласа „за“, без против и воздржани, Собранието на 18 декември, 2018 година го донесе по скратена постапка Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ