среда, 23 октомври 2024

Време е за прекин на огнот, порачаа САД и покренаа обвинение против лидерите на Хамас

Соединетите Држави соопштија дека е време да се финализира договорот меѓу Израел и Хамас за ставање крај на војната во Газа, откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одби да попушти под притисокот.

Објавено на

часот

Сподели

Во наредните денови Вашингтон ќе работи со другите посредници, Египет и Катар, за да се постигне конечен договор, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер.

Нетанјаху претходно одби да направи отстапки во индиректните разговори со Хамас, и покрај зголемениот внатрешен и меѓународен притисок откако израелската војска ги извлеле телата на шест убиени заложници од палестинската територија разурната од војна.

„Време е да се финализира тој договор“, додаде Милер.

САД покренаа обвинение против лидерите на Хамас за нивната улога во планирањето, поддршката и извршувањето на нападите на 7 октомври во јужен Израел, пишува Гардијан.

Обвиненијата против Јахја Синвар, водачот на милитантната група, и уште најмалку петмина други, се за организирање на нападот во кој загинаа 1.200 луѓе, меѓу кои и повеќе од 40 Американци.

Тој напад ги почна нападите на Израел врз Газа, во кои се убиени повеќе од 40.800 Палестинци, а голем дел од територијата е уништен. Обвинението од седум точки поднесено од американското Министерство за правда вклучува обвиненија за заговор за обезбедување материјална поддршка на странска терористичка организација, заговор за убиство на американски државјани и заговор за употреба на оружје за масовно уништување што резултира со смрт.

Иран и либански Хезболах, исто така, се обвинети за обезбедување финансиска поддршка, како и оружје, вклучувајќи проектили и воени материјали.

„Како што е наведено во нашето обвинение, овие обвинети – вооружени со оружје, политичка поддршка и финансирање од иранската влада и поддршка од Хезболах – ги предводат напорите на Хамас да ја уништи државата Израел и убиваат цивили за да се постигне таа цел. Наводите откриени денес се само дел од нашите напори да ги таргетираме сите аспекти на операциите на Хамас. Овие дејствија нема да ни бидат последни“, изјави американскиот државен обвинител Мерик Гарланд.

„Јахја Синвар и другите водачи на Хамас денеска се обвинети за оркестрирање на децениската кампања на масовно насилство и терор на терористичката организација – вклучително и настаните од 7 октомври“, додаде тој.

Во обвинението се наведени имињата на шестмина обвинети, од кои тројца се мртви. Живи се Синвар, за кој се верува дека се крие во Газа, Халид Мешал, кој е со седиште во Доха и ја предводи канцеларијата за дијаспора на групата, и Али Барака, висок функционер на Хамас со седиште во Либан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ