недела, 19 мај 2024

Вреди: Османи од СЈО беше обвинетиот за проневера на пари – Османи: Не е точно

Коалицијата Вреди претставена со жени и мајки, денеска со прес-конференција пред Клиникатга за гинекологија и акушерство во Скопје потсети на 2016 година и на предметот Пациент на Специјалното јавно обвинителство (СЈО),како што рекоа, како на прв и единствен обвинет Албанец функционер на ДУИ, а сега кандидат за претседател Бујар Османи. Во своја реакција Османи негира дека бил обвинет.

Објавено на

часот

Сподели

„Во истрагата постоеше засновано сомнение за злоупотреба на службената положба на министерот за здравство, како и овластувањата на службените и одговорните лица во тендерските постапки за градежни работи, при што постоеле сомнежи дека бугарската компанија ГБС Благоевград беше фаворизирана иако имаше неколку поповолни понуди од други компании, во повеќе здравствени установи во земјава, меѓу кои и гинеколошката болница ‘Мајка Тереза’ во Чаир. Вредноста на тендерот изнесуваше над 2 милиони евра“, беше речено пред новинарите повикувајќи се на соопштението на поранешната СЈО.

„Овде сме собрани, жени, мајки, сестри, ќерки да го обелодениме овој скандал, каде денешниот кандидат за претседател е обвинет за финансиска злоупотреба во овој за нас свет објект и каде секој ден се породуваат нашите ќерки, нашите сестри, нашите пријателки. Замислете до каде оди лакомоста на овие луѓе за пари, злоупотребуваат милиони евра од местото каде што се пораѓаат сите мајки од Скопје и пошироко! Јавно прашуваме, дали Албанците заслужуваат ваков кандидат за претседател?“, беше речено на прес-конференцијата.

Од Коалицијата наведуваат дека никогаш нема да го заборават случајот наречен Пациент.

„Можеби партизираните судови на Артан Груби го пикнаа овој случај во некој ќош, но доаѓа време за одговорност за направеното, но и за тие кои го криеја случајот. Замислете, овие милиони можеа да бидат кревети за мајки, опрема за гинеколози, работа за медицински сестри, подобри услови за бебиња. Овие злоупотребени пари можеа да бидат буџетски средства за да се донесат решенија за тие над 1.700 вработени во здравството кои се со договор на дело, и никако не можат да добијат решенија за работа“, беше речено во изјавата за медиумите.

Малку подоцна реагираше Османи кој оцени дека коалицијата Вреди нема теми и креативност во изборната кампања и затоа „зборуваат за стари и отворени прашања“.

„Тоа е истрага почната од обвинител кој денеска е во затвор и е на црната листа на САД. Самото Обвинителство го има затворено веднаш тој предмет и немало ни обвинение затоа што е проценето дека изградбата на болницата во Тетово била согласно законите и дека не само што не е направена штета туку, напротив, е заштитен интересот на државата. Така што немало ниту обвинение туку обид за политичка дискредитација од човек што денеска е на американска црна листа, што очигледно зборува дека имало руско замешателство во тој обид за дискредитирање. Апсолутно нема врска ова прашање. Тие веќе изгубиле идеи и креативност во оваа кампања исплашени од големиот пораз“, изјави Османи одговорајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за коспонзорирањето на резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница.

Додаде дека иако не се занимава со другите во изборната кампања ќе му контрира на противкандидатот Таравари со прашањето за легитимитетот во Алијанса за Албанците.

-Одлуката на судот дека, сепак, мојот противкандидат нелегално се обиде да ја узурпира партијата го прави малку проблематичен и недостоен за кампања. За такви прашања треба да разговараме, за кои има судски одлуки, а не за овие прашања, рече Османи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ