Доста е со манипулации и провокации, велат од коалицијата Вреди.
„Главен покровител на Законот за бранители е ДУИ, а душегрижникот Блерим Беџети, заедно со Данела Арсовска и Левица, го донесоа Андон Лазов Јанев Ќосето во Скопје. Нека го прашаат Талат Џафери, кој со новиот Деловник овозможи да се испровоцираат вакви ситуации. Исто така, нека го праша Артан Груби како се случи, надвор од секоја логика да обештети четири ‘бранители’ со 30 илјади евра!“, реагираат од Вреди.
Оттаму појаснуваат дека предлог измените на законот влегле во процедура затоа што според новиот Деловник за работа на Собранието, нема можност да не се стави на дневен ред закон предложен од пратеник, Влада или кој било што има право да предложи закон.
„Опозициската СДСМ уште еднаш покажа дека нема намера да гради заедничка иднина за граѓаните, туку да ги отвора раните од минатото за ниски политички придобивки. А ДУИ, продолжува да ја игра својата старо-нова игра, насочена кон одвлекување на вниманието од своите криминали“, велат од Вреди.
Поради ова пратениците на оваа коалиција вчера ја напуштија 14. собраниска седницата.
„Нашата порака е јасна, нема да дозволиме Собранието да стане арена на
манипулации и поделби. Законите што имаат за цел да го поделат албанскиот народ и да го одржуваат во живот корумпираниот систем, немаат место во нашата агенда! Тука сме за да го браниме правото на албанскиот народ и да бараме сеопфатно решение за сите рани од минатото, вклучително и статусот на поранешните борци на ОВК. Нема да дозволиме ваквите прашања да се користат за прикривање на неуспесите и злосторствата што се направени врз нашиот народ“, категорични се од коалицијата Вреди.
Изедначување на сумата пари која треба да ја добијат членовите на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили и изедначување на надоместокот за претрпена душевна болка во периодот од 2000 година до денес, предлага пратеничка на СДСМ, Славјанка Петровска во предлог законот за измени на Законот за посебни права на безбедносните сили што вчера се најде на дневен ред на 14. собраниска седница.
Мнозинството пратеници гласаа за овој закон да се носи по скратена постапка. Законот се префрла на расправа во надлежните собраниски комисии.