понеделник, 21 октомври 2024

Вреди бара ОЈО да го гони Богојески за предизвикување национална и верска омраза

Коалицијата Вреди денеска до Основното јавно обвинителство (ОЈО) поднесе кривична пријава против претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески, за ширење на говор на омраза на социјалната мрежа Фејсбук. Кривичната пријава беше поднесена од страна на правниот претставник на Коалицијата, адвокатот Абидин Абдуљи. Пред ова и Богојески најави кривична пријава до ОЈО без да прецизира против кого ќе биде поднесена пријавата.

Објавено на

часот

Сподели

„Со таков говор на омраза Богојески стори кривично дело казниво по член 319 и 398 од Кривичниот законик. Го поттикнуваме Јавното обвинителство во иднина овие кривични дела да ги гони по службена должност по допрен глас затоа што истите се јавни и се пренесуваат во медиумите, на социјалните мрежи“, рече Абдуљи.

Бујаре Абази, потпретседател на Алијансата за Албанците од крилото на Арбен Таравари, смета дека веќе не е време за подигање на рејтинзи во таква форма и ова оди во корист на, како што рече, ДУИ која во агендата исто така планира дестабилизација. Според неа, од таа причина мора да се фокусираме на стандардот, здравството и образованието.

„Граѓаните се уморни и тоа дефинитивно мора да го сфатат сите политичари дека носат одговорност и оти мора да пружиме резултати од нашето работење, а не да сметаме дека со некои такви изјави некој и ќе нѐ поддржи. Таквите изјави дефинитивно никој не треба никој да ги поддржи“, рече таа.

Одговарајќи на новинарско прашање дека очекуваат правна разврска за говорот на омраза на Богојески кој сепак е нивен коалициски партнер, Абази нагласи дека тие две работи не треба да се мешаат во смисол на планирање и реализирање на програмите што им ги ветиле на граѓаните.

„Меѓутоа, мора да покажеме дека такво нешто не е дозволиво, не во смисла само на Алијансата за Албанците или Вреди во чие име денеска настапуваме, туку во име на сите други што не се Македонци. Таков начин на почитување на другиот без разлика на кој, апсолутно сметам дека не ни носи добро, ниту овозможува ние да развиеме добри односи помеѓу двата најголеми етникуми“, рече таа.

На новинарско прашање дали можеби поднесувањето на кривична пријава против Богојески ќе влијае политички, Абази смета дека нема да влијае и потенцира дека сепак треба да се покажат границите што е дозволено и што не.

„Нема да молчиме во ситуации кога не се третираме со почит како што впрочем ги третираме другите“, рече Абази.

Претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески во вторникот објави фејсбук статус во кој Албанците ги нарекува Шиптари.

Но, и Македонски концепт за денеска најави дека ќе поднесе кривична пријава до ОЈО за противправно користење на албанскиот јазик и знаме во Македонија, за навреди и омаловажување на Македонија и македонскиот народ, за незаконско прикривање на воени злосторства против човештвото, направени на територија на Република Македонија, за создавањето на атмосфера на линч против Петар Богојески и Македонски Концепт, како и за ширење на етничка и верска омраза и злоупотребата на ОЈО за прикривање на таквите дела, а сето тоа од страна на политички субјекти, новинари и граѓани организирани во злосторничко здружување. Против кого ќе биде поднесена кривичната пријава од македонски концепт не откриваат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ