„Досегашните изјави на господинот Али Ахмети и господинот Бујар Османи за принципиелност и транспарентност останаа само празни зборови. Ги повикуваме да преземат конкретни чекори, кои ќе покажат дека нивните ветувања се реални и дека нема да дозволат какви било сомнежи за криминална или нечесна активност да ја нарушат репутацијата и иднината на Албанците во земјата“, стои во соопштението од коалицијата.
Од Вреди предупредуваат дека јавноста бара дела, а не зборови, и додаваат дека притисокот е легитимен и оправдан. Според нив, ДУИ има одговорност да покаже дека сериозно се залага за владеење на правото и интегритет во општеството.
„Исклучувањето на Артан Груби од партијата е неопходен чекор за испраќање јасна порака дека ДУИ и нејзините лидери се искрени во заложбите за почитување на законите и одржување силно партнерство со САД. Сè друго ќе биде доказ дека го прикриваат и штитат својот другар Артан Груби“, нагласуваат од коалицијата.
Во заклучокот, Вреди ја истакнува поддршката за иницијативи кои ќе доведат до поголема отчетност и одговорност на политичките актери во земјата.
„Веруваме дека итното и решително делување ќе покаже дека зборовите на Али Ахмети и Бујар Османи не се празни ветувања, туку одраз на нивната искреност и посветеност на принципите на праведност, законитост и заштита на стратешките интереси на Албанците во Северна Македонија“, се додава во соопштението.