петок, 27 декември 2024

ВРЕДИ: Ахмети и Села се фрустрирани, збунети и без компас

Сметавме дека 100 дена се доволно време Ахмети и Села да ја прифатат реалноста и да се свртат кон внатрешен кадровски и програмски ремонт пред воопшто да почнат да се обидуваат да ја бараат довербата кај Албанците, велат од коалицијата Вреди во денешното партиско соопштение.

Објавено на

часот

Сподели

„Меѓутоа, тие наивно потценувајќи ја интелигенцијата на народот, упорно сакаат демократската околност што не се дел и од оваа Влада да го претворат во причина за меѓуетнички тензии. Тоа што ова подмолно сценарио не им поминува кај Албанците, кои јасно им ставаат до знаење дека нема да станат алатка за заштита на нивните поранешни корумпирани функционери, ги прави Ахмети и Села фрустрирани, збунети и без компас“, сметаат од Вреди.

Од Вреди потсетуваат на најавите на ДУИ за есенски протести, па на нивната одлука за средби со членството, како и за писмата што лидерот на ДУИ, Али Ахмети ги испрати до премиерот Христијан Мицкоски и до меѓународниот фактор во земјава.

„Коалицијата Вреди ја потсетува дезориентираната албанска опозиција дека и должи на јавноста одговори на многу чувствителни прашања кои се останати во нивната меморија како заштитен знак на нивниот режим и потсетници за нивното сегашно лицемерие и дволичност. Зошто ‘западњаците’ од ДУИ му се поклонија на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров среде Скопје? Зошто додека беа власт му дадоа државјанство на Александар Онишченко, додека илјадници Албанци родени во Македонија ги оставија без државјанство? Зошто му дадоа бизниси во Тетово на Дака Давидовиќ, кој е на црната листа на САД?“, прашуваат од Вреди.

Тие уште упатуваат директни прашања до Ахмети зошто не пишувал писма за одбрана на Албанците кога бил дел од Владата на Никола Груевски и Сашо Мијалков.

„Зошто Ахмети одлучи да го спречи Арбен Таравари да влезе во вториот круг на претседателските избори и ги повика гласачите на бојкот на гласањето за Претседател на 8 мај? Зошто Ахмети лажно тврдеше дека е сигурен коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, затоа што наводно ја има поддршката на стратешките меѓународни партнери? Кој е креатор на срамната понуда на ДУИ, изречена во собраниската канцеларија број 161 за влез во Влада наместо Вреди, со четири министерства, без претседател на Собрание и ветување за теренска поддршка за да се изберат Македонци за градоначалници во Струга и Кичево на локалните избори во 2025?“, го прашуват Ахмети од коалицијата Вреди.

Тие се осврнуваат и на, како што тврдат, инволвираноста на Ахмети во правосудството.

„Зошто Ахмети преку своите инсталации во правосудниот систем се обидува да ја дестабилизира земјата преку одлуки за задржување на воинот на УЧК Блерим Рамадани во притвор, укинување на балансерот, Законот за бранители и проблематизирање на употребата на албанскиот јазик? Како и со чии милиони евра Дрин Ахмети стана сопственик на Соравија? Колку тендери внуците на Ахмети имаат добиено благодарение на режимот на ДУИ? Каде се милионите од казино бизнисите на Артан и Прпарим? Колку народни пари се завршени во џебовите на функционери на ДУИ?. Зошто Ахмети и Османи активно работат против полноправното членство во ЕУ со спречување да се случат уставни измени? Сѐ додека нема одговори на овие и многу други прашања, фронтот на Ахмети и Села нема што да бара од Албанците.“, велат од Вреди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ