среда, 25 декември 2024

Вработени на американската амбасада им давале мито на шпански разузнавачи за државни тајни

Шпанија дискретно протера најмалку двајца вработени на американската амбасада обвинети за подмитување шпански разузнавачи во замена за државни тајни, објави весникот Ел Паис повикувајќи се на извори од владата.

Објавено на

часот

Сподели

Ниедна земја не го потврди веднаш протерувањето, но шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес, прашана за случајот, го намали неговото значење за односите на двете држави. Потврди дека е во тек правосудна истрага на „нерегуларно однесување“ во шпанската разузнавачка служба ЦНИ.

„Шпанија и Соединетите Американски Држави се пријатели, сојузници и партнери. Кога постојат тешкотии кои би можеле да влијаат на нас, за нив се расправа и на нив се работи, но тоа на никој начин не влијае на односите кои ги имаме“, им кажа Роблес на новинарите.

Американски функционер во Шпанија кажа дека американската амбасадорка Хулиса Рејносо нема да го коментира инцидентот. Ел Паис, не наведувајќи имиња и функции, пишува дека резултатите на истрагата покажале дека двајца шпански разузнавачи давале информации за „големи суми“. Весникот додава дека можеби се вмешани „повеќе од двајца американски шпиони“.

Функционер на ЦНИ и негов асистент беа уапсени пред два месеци, а судот нареди нивниот случај да остане тајна, наведува весникот. Шпанската влада кажа дека почнала истрагата по барање на ЦНИ, но дека нема да даде дополнителни детали бидејќи истрагата е тајна.

Шпанските власти амбасадорката Рејносо ја повикале на разговор и кажале дека таа ништо не знае за случајот и дека се извинила, додава весникот. Вашингтон потоа се согласил на барањето на шпанските министерства за одбрана и надворешни работи двајцата вработени на американската амбасада да ја напуштат земјата.

Портпаролите на шпанското министерство за надворешни работи и највисокиот суд одбиле да го коментираат настанот, а ЦНИ не одговорил на барањата за коментар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ