четврток, 24 октомври 2024

Вработен во МВР во Скопје ковал лажни евра и ги носел на Косово

Ш.Д. (34) од Ресен, како вработен во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, вчера бил приведен во Косово под сомневање за сторено кривично дело – „фалсификување пари“.

Објавено на

часот

Сподели

Се работи за меѓународна акција на македонската и косовската полиција, заедно со Европол и од Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан. За ова вчера информираа и МВР и ОЈО Скопје.

Ш.Д. е осомничен дека изработил околу 2 милиони лажни монети од 2 евра.

При претресите во неговиот дом, запленети се две машини со компресори за производство на фалсификувани монети, шест метални печати, шаблони за монети од по две евра и репроматеријали. Фалсификаторот користел пет различни мотиви за националната страна на лажните монети, со што лажно прикажувал дека парите наводно доаѓаат од Франција, Италија, Хрватска, Финска и Португалија.

Во изјава за ТВ Канал 5 министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека за конкретниот случај се постапува и не можел да излезе со повеќе информации во однос на ова се со цел истрагата да може да функционира.

„Многу е битно дека се гледа постапувањето, се гледа соработката на лице место, се гледа делувањето во насока на законито справување со секој еден криминал што е сторен. Многу е битно дека навистина имаме чекори кои претходно биле незамисливи да се преземат против одредени лица. Зошто? Заради тоа што тие биле од интерес на одредени политички моќници. Тоа е факт, изјави Панче Тошковски.

Лани косовската Централна банка поради сомневање повлекла од оптек околу 2,5 милиони монети од 2 евра со вредност од 5 милиони евра по чии проверки е утврдено дека дел се фалсификувани. И македонската НБРМ веќе неколку години по ред ја нотира појавата на големи количини на фалсификувани монети во евра. Лани биле откриени над 11 илјади фалсификувани монети од две евра. Во 2022 година биле откриени околу 10.717 монети од по 2 евра и 231 монети по едно евро, информираа од Народната банка на Македонија.

Ова е не прв случај македонски државјани да бидат уапсени во Косово за фалсификувани евра. Во ноември минатата година беа приведени тројца македонски и тројца косовски државјани кои беа фатени со лажни 85 илјади во апоени од по две евра.

Европската Централна банка изминативе две години предупредува на сериозна појава од лажни монети низ еврозоната.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ