сабота, 27 јули 2024

Возеа со речиси 180 км на час каде е дозволено 80, СВР Тетово им ги зеде дозволите

Фатен денеска на полициски радар како вози со 178 километри на час на автопатот Тетово-Гостивар, возачот доби казна во износ од 400 евра и времено одземање на возачката дозвола. За шест часови, колку што траела акциската радарска контрола на сообраќајната полиција на патиштата во тетовско-гостиварскиот регион, казни им се напишани на 111 возачи за брзо возење. Некои од нив возеле со брзина и од над 70 километри на час поголема од дозволената, односно со брзина од над 150 км таму каде што е дозволено да се вози со брзина до 80 километри на час.

Објавено на

часот

Сподели

„Денеска, од 9 до 15 часот, на поширокото тетовско-гостиварско подрачје спроведена е акциска контрола за брзина со која се движат возилата, во рамките на која биле откриени и санкционирани вкупно 77 возачи кои ја пречекориле максимално дозволената брзина надвор од населено место.

Тројца од нив ја пречекориле брзината за над 70 километри на час повеќе од дозволеното, a 10 за над 50 километри на час повеќе од дозволеното.

Покрај ова, санкционирани се и 34 возачи  кои ја пречекориле пропишаната брзина во населено место, како и два други видови сообраќајни прекршоци.

На возачите – прекршители изготвени им се предвидените поднесоци со парични глоби од 45 до 400 евра во денарска противвредност. На оние кои пречекориле за повеќе од 70, односно 50 километри на час, времено ќе им бидат одземени и возачките дозволи од три месеци до една година.

Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот и целосно да ги почитуваат сообраќајните знаци, правила и прописи кои се однесуваат на дозволената брзина за движење. Со тоа, тие ќе придонесат за сопствената и вкупната сообраќајна безбедност на подрачјето на СВР Тетово и пошироко“, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ