Од секторот за односи со јавност на Општина Битола денеска информираат дека Општинскиот инспекторат на терен врши проверка на сите категоризирани објекти на физички лица што се под општинска надлежност, односно се контролира дали објектите ги исполнуваат минимално техничките услови, согласно правилникот за минимално технички услови донесен од министерот за економија и дали ги поседуваат сите документи потребни за дејноста.
„Контролираните објекти доколку имаат недостиг од одреден документ, имаат рок за обезбедување, а ако не ги обезбедат ќе бидат избришани од регистарот за вршење на угостителска дејност. Според Законот за угостителска дејност, за физичките лица, општината е надлежна да издаде категоризација за конфекционирани угостителски услуги во наменски подвижни објекти, угостителски услуги за сместување и исхрана во куќи, угостителски услуги во апартмани и соби за одмор, угостителски услуги во селски домаќинства и угостителски услуги во пловни објекти. Исто така, Општинскиот инспекторат во соработка со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола вршат проверка на терен, дали ноќните клубови во Битола имаат важечки лиценци за работа и дали ги имаат сите елаборати коишто треба да ги поседуваат, вклучувајќи и елаборати за бучава, за противпожарна заштита, за животна средина“, нагласуваат од локалната самоуправа.
До Државниот пазарен инспекторат, Одделението за инспекциски надзор Битола, доставило допис со известувањето до угостителските објекти на територијата на градот Битола, за непостапување согласно Законот за угостителска дејности и од нив е побарано во рок од 3 дена да достават лиценца, дозвола за работа на објектот согласно Законот за угостителска дејности и работно време на објектот.
Од Општина Битола соопштуваат дека согледувајќи ги сите аспекти од законските регулативи, постојат одредени недоречености, односно неусогласености меѓу Законот за угостителство во однос на Законот за градење и Законот за животна средина. Оттука, нагласуваат од општината, испратен е допис до наделжните институции во кој се посочува на потреба од законски измени, пред сè во регулативата со документите, коишто се пополнуваат за вршење на одредената угостителска дејност, како и во делот на надминување на недореченостите во законските одредби.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски одржа координативен состанок со директорите на основните и средните училишта во Битола, како и со градинките и разговараше за состојбите со објектите во тие општински установи.
Од локалната самоуправа информираат дека на терен се изведени вонредни контроли, а проширените инспекциски надзори опфаќаат проверка на влезовите, ПП апаратите, потребната документација итн.
Од општинскиот инспекторат, преку инспекторот за домување на терен, во координација со станбените сервиси и жителите на зградите, ќе се врши контролирање на ПП апаратите во зградите, нивната исправност и хидрантската мрежа. Од управителите на зградите и станбените сервиси, ќе биде побарано да достават информации за тоа дали зградата има хидрантска мрежа, дали хидрантите имаат црева за вода, колку од зградите поседуваат ПП апарати и дали има лица кои што знаат со нив да ракуваат. На местата каде што е потребно, општинскиот инспекторат ќе ги задолжи субјектите да постапат согласно законските прописи, соопштија од Општина Битола.
Во наредните денови, продолжуваат координираните активности на терен со надлежните инспекциски служби и СВР Битола.
Во насока на проверка на безбедносните стандарди, градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, денеска им нареди на сите општински инспектори да извршат вонредна темелна контрола на сите угостителски објекти во Струмица.
Тој ова го објави на неговиот Фејсбук-профил, каде напиша дека денеска ги потпишува наредбите до сите општински инспекторати по кои веднаш соодветно ќе постапуваат.
„На состанокот со општинските инспектори, претставниците на Секторот за урбанизам и комунални работи и Даночното одделение се доворивме за започнување на заедничка вонредна темелна контрола на сите угостителски објекти (кафулиња и дискотеки) со темелна проверка на сите дозволи, решенија и согласности коишто треба да ги имаат од општинските органи. Таму каде што ќе се утврдат неправилности, а за кои ние сме надлежни, дури и кај што немаме надлежност како Општина ќе ги известиме државните органи, ќе им дадеме рок да се поправат. Доколку тоа не го направат, ќе бараме да бидат затворени“, се наведува во објавата на струмичкиот градоначалник.
Додава дека на состанокот е донесен заклучок дека ниту еден клуб за кој Министерството за економија издало согласност, а која не одговара со намената во Секторот за урбанизам, ќе следува соодветна пријава во СВР Струмица и Пазарната инспекција и кои ќе треба да одговорат како и зошто им дале лиценци за работа.
Костадинов денеска одржал и повеќе состаноци со директори, раководители и инспектори за преиспитување на правилниците, плановите, проценките од ризици од пожари, експлозии и други непогоди во сите училишта и градинки и притоа најмалку еднаш месечно да се прават вежби за евакуација и секое дете и персоналот да бидат подготвени и да знаат како да се заштитат.
Според струмичкиот градоначалник, сите заедно со професионално извршување на работните задачи и обврски и со почитување на законските обврски можеме да создадеме безбедна заедница и живот без страв за сите.