сабота, 27 јули 2024

Вонредна состојба поради суша во Барселона: нема перење автомобили и полнење базени

На жителите на Каталонија на североистокот на Шпанија ќе им биде забрането перењето автомобили и полнењето на празните базени во низата мерки најавени денес за ублажување на најголемата забележана суша во регионот, јавува Асошиејтед прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шефот на регионалната влада на Каталонија Пере Арагонес најави вонредна состојба поради сушата откако резервоарите во медитеранскиот регион паднаа под 16 отсто од капацитетите.

„Каталонија ја доживува најлошата суша во овој век, никогаш не сме се соочиле со толку долга и интензивна суша откако се бележи количеството врнежи“, кажа Арагонес на конференција за новинарите.

Мерките ќе влијаат на околу 6 милиони луѓе во 200 села, населби и градови, вклучувајќи го главниот град на регионот Барселона, вториот по големина град во Шпанија.

Според правилата за итни случаи, локалните власти сакаат жителите да го намалат трошењето на вода за домаќинствата за 5 отсто од 210 литри на 200 литри по човек на ден. На земјоделците им е наредено да ја намалат потрошувачката на вода во земјоделството до 80 отсто.

Жителите на Барселона не можат да ги полнат приватните базени и да ги перат автомобилите. Покрај тоа, илјадници жители кои живеат во мали заедници зависат од бунарите кои се суви со месеци.

Гуалба, село со околу 1.500 жители, на еден час возење од Барселона, нема вода за пиење од декември. Тогаш локалниот резервоар паднал толку ниско и водата повеќе не била доволно чиста за пиење, туку само за технички потреби. Повеќето жители мора да се возат во друг град за да купат флаширана вода.

Пиринејскиот Полуостров е најсушен во последните 1.200 години, според истражување од 2022 година. Тоа функционерите во Каталонија ги натерало да размислуваат за довезување вода со бродови во Барселона.

Оваа мерка беше усвоена и во 2008 година, кога нивото на резервоарите падна на околу 20 отсто.

„Мислам дека не сме свесни што нè чека“, кажала за АП Џоан Торент, жителка на Барселона, за климатските промени. „Луѓето не сакаат да слушаат за недостиг од вода. Според мене, луѓето мора да бидат посвесни за тој проблем“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ