среда, 15 јануари 2025

Вонреден инспекциски надзор во ИЈЗ: за ДУИ е дискриминација на Албанците, за ВМРО-ДПМНЕ – расчистување со криминалот

Од партијата ДУИ, на вонредниот инспекциски надзор во Институтот за јавно здравје гледаат како спроведување дискриминаторска политика спрема Албанците и посочуваат на одговорност за директорката Марија Андоновска.

Објавено на

часот

Сподели

„Демократската унија за интеграција остро реагира на постапките на директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, која спроведува јасна дискриминаторска политика со цел потчинување и исклучување на Албанците од оваа институција.

Вонредниот инспекциски надзор на Државниот управен инспекторат, инициран врз основа на анонимна претставка со тенденциозна и антиалбанска содржина, не претставува ништо друго освен организиран обид за отстранување на албанските вработени и создавање амбиент во кој тие се третираат како граѓани од втор ред.

Од првиот ден на нејзиниот мандат, Андоновска јасно ја покажува својата намера да го намали присуството на Албанците во оваа институција, започнувајќи со нивно разрешување од раководни позиции, нивно изолирање во посебни канцеларии и нивно нееднакво третирање во организацијата на работата. Оваа исклучувачка политика е неприфатлива и претставува директен напад врз еднаквоста и општествената кохезија.

ДУИ нема да дозволи ваквиот дискриминаторски пристап да помине без реакција и бара од надлежните институции да преземат мерки за запирање на оваа неправда. Етничката дискриминација нема место во ниту една јавна институција, а правата на секој граѓанин мора да се почитуваат без разлика“, се вели во реакцијата на ДУИ.

Наспроти ДУИ, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска ставила крај на криминалот кој во ИЈЗ се правел 15 години, а реакцијата на ДУИ не е поради грижата за Албанците, туку заради вонредниот инспекциски надзор.

„Криминалците се криминалци, а ДУИ тоа го покажува секој ден, па и во реакцијата кон директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска која отворено се бори против затекнатиот братски криминал на ДУИ и СДС.

Денес тие реагираат против директорката Марија Андоновска која спречи и исправи членови на ДУИ и СДС да седат дома, не одат на работа, а земаат плата.

ДУИ реагира затоа што е ставен крај на криминалот кој се правел во оваа институција, со која 15 години раководел кадар на ДУИ.

Денес криминалците од ДУИ реагираат зошто директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска го зголеми обемот на работа, ги зајакна протоколите и ги затвори одливите на средства наместо членовите на ДУИ и СДС вдомени во таа институција да се однесуваат недомаќински и криминално.

Денес криминалците од ДУИ реагираат не поради тоа што им е грижа за состојбата со Албанците, туку затоа што има вонреден инспекциски надзор и затоа што вработената администрација не полагала административен испит, а законски требала.

Секогаш кога ДУИ реагира јавноста треба да знае дека штити криминал. И секогаш кога ДУИ реагира јавноста треба да знае дека оправдувањето со кое го покрива криминалот е нивната наводна загриженост за правата на Албанците. И кога тие зборуваат за дискриминација на Албанците знаете дека тогаш најмногу крадат. Со други зборови, криминалци се криминалци, лопови прва класа.

За потсетување тоа е партијата каде Артан Груби е сè уште член“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ